Шкотска е првата земја во светот со бесплатни хигиенски производи за сите жени

27 февруари 2020

Позитивна вест од светот, поточно од Шкотска - Сите жени во оваа држава ќе имаат бесплатни хигиенски производи.

Оваа одлука ја донесе шкотскиот парламент, со што оваа земја стана прва во светот со таква одлука и услови за жените.

Според новиот закон, (The Period Products (Free provision) Scotland Bill) хигиенските влошки и тампоните ќе бидат достапни бесплатно на одредени јавни места во Шкотска, како на пример трговски центри, клубови за младите, амбулантите.

Овој трошок на годишно ниво ќе ја чини земјата 24.1 милиони фунти.

Инаку, пред две години, Шкотска стана и првата земја во светот која обезбеди бесплатни хигиенски производи во училиштата, факултетите, односно универзитетите, а сега таа листа е проширена.

Законот е изгласан со 112 гласови за, ниту еден против и еден воздржан и е во втора фаза во која членовите на парламентот можат да предложат амандмани.

Моника Ленон е името на парламентарката која го предложи законот, посочувајќи дека доколку помине, тоа ќе биде голем пресврт и момент за нормализирање на менструацијата во Шкотска, како и дека ќе прати сериозна порака на луѓето во таа земја за тоа колку сериозно парламентот ја сфаќа и рамноправноста на половите. 

 

Објавено:
27 февруари 2020
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
862 пати