Што најмногу им штети на ноктите: Гел, ацетон или средство за дезинфекција?

14 јануари 2021

Здравјето на организмот се одразува и преку ноктите. Тие можат да бидат показател дали е се' во ред со нашата циркулација, витамини во организмот, присуство на габи..

-Со намалена циркулација на крвта и хранливите состојки, ноктите можат да станат кршливи и да го сменат изгледот“, вели за „Алур“ дерматологот Дана Стерн.

Од друга страна, професорката на „Јејл“, Мона Гохара, воедно и дерматолог, посочува дека неправилниот изглед на ноктите, може да биде знак за поголем здравствен проблем.

-Анемијата и артритисот можат да пројават знаци на ноктите, па така освен нерамнини, ќе дојде и до промена на бојата на ноктите. Испапчувањата на ноктите можат да бидат последица и од стрес или дијабетес, неправилности при функционирање на тироидната жлезда или болест на бубрезите“, вели таа.

Сепак, неправилностите на ноктите некогаш и самите ги предизвикуваме со своите навики. 

Така, веќе година дена зачестено ги користиме средствата за дезинфекција на раце, кои го оштетуваат ноктот.

Честата употреба на вакви и слични средства доведува до различни реакции - кај некои кожата станува посува и затегната, кај други пука, а има и такви кај кои се јавува црвенило и доаѓа до сериозни иритации. 

Исто така, страдаат и ноктите, каде може да дојде до истенчување и кршење. Ако ова ви се повторува често, тогаш консултирајте се со стручно лице, за да ви препорача каков тип на антисептик да користите за да немате несакани реакции. 

Во чантата секогаш имајте креми за раце, која ќе ви помогне во негата и хидратацијата. За да ја подобрите пак состојбата на ноктите, капнувајте по една капка есенцијално масло, најубаво пред спиење, и убаво измасирајте ги прстите.

Ацетонот е исто така непријател на ноктите, исклучително ги исушува ноктите и ги прави кршливи, па можат да распукаат дури и во слоеви, затоа сведете ја неговата потреба на минимум.

Гел маникирот исто така може да го оштети ноктот, а ако дојде до стадиум, треба да се збогувате со оваа техника за разубавување нокти на неколку месеци, за да можат да се вратат во здрава, првобитна состојба. 

Така што сите три работи го уништуваат здравјето на ноктите, посебно ако ги комбинирате.

Сепак, ако треба да се направи некаква градација, стручните лица велат дека честата употреба на ацетон и средство за дезинфекција може да биде поопасна од гел маникирот.

Објавено:
14 јануари 2021
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
670 пати
Тагови: 
нокти