Што треба да носите во несесерот ако имате одмор во природа?

31 јули 2020

Доколку воопшто можеме да бараме добри работи во целава ситуација со Ковид-19 и неизвесноста, тоа е свртувањето кон домашниот туризам, односно откривањето на убавините на Македонија.

Веруваме дека на многумина конечно им се отвори шанса да си ја запознаат државата, жално е што причината за повеќето е неможноста да се патува во други држави, а не самоиницијативата и желбата.

Како и да е, ако летниот одмор го планирате дома и во природа, не заминувајте на тоа патување без соодветна нега. Мора да напоменеме дека производите за нега се разликуваат од оние кога би оделе на одмор на плажа.

Еве што е пожелно да содржи сечиј несесер, со цел да се вратите без било какви последици од сонцето, а по здравје на кожата.

Креми со заштитен фактор

Каде и да одите, не излегувајте без крема со заштитен фактор. Без разлика каков ви е тенот или пигментот, бирајте фактор 30 или повеќе. Ако се сончате опкружени со зеленило или шетате по планински патишта, добро е од време на време да пиете вода и да користите сенка. Најдобро е ако можете да најдете креми за лице со заштитен фактор во нив, но ако се премногу скапи, тогаш ќе завршат работа и оние за сончање. За остатокот од телото  (раце, нозе, раменици и сл.) користете секако креми за сончање со заштитен фактор.

Тоник за чистење лице

Без разлика што можеби ќе бидете на свеж воздух, на кожата ќе ѝ биде потребна влажноста и дејството на тоникот. Воедно, тој ќе ви овозможи да ја исчистите убаво кожата и да ја подготвите за крема.

Хидратантна крема

Наутро можете да ја ставате кремата со заштитен фактор, но навечер, после тоникот, задолжителна е крема што ја хидрира кожата. Планинското сонце и воздух силно влијаат врз кожата, затоа не занемарувајте ја заштитата и негата.

Маски за различна намена

Ако располагате со маски за лице за една употреба, навечер почестете се со една. Но, и да немате, кремите и негата од погоре ќе бидат доволни да го зачувате здравјето и сјајот на кожата. Но, кога е косата во прашање, потсетуваме да не ја заборавате. Обрнете внимание на краевите, па со себе носете маска за коса (има единечни пакувања) како и спреј за нега на испукана коса. Исто така, шеширот или марама на коса ќе придонесат таа да не се суши.

Лабело

И усните се чувствителни на сонце и на ветер, па затоа секогаш во несесерот имајте лабело. Неутрално или во боја кое дури може да ви замени и кармин, изборот е ваш.

Лесна шмина

А кога се работи за шминкањето, тајната е да одберете вистинска подлога, односно пудра. Користете ги оние што се на природна база и со лесна текстура. АКо не можете да најдете таква пудра, сменете ја со ББ крема, но задолжително нанесувајте ја, затоа што и таа ќе придонесе за заштитата, само не претерувајте. Целта не е да ги затворите порите.

За на пример вечерните излегувања, користете руменило со малку сјај и сјај за усни и тоа е сосема доволно за летен привлечен изглед.

Одморот подразбира одмор и на душата и на телото, а со тоа и на лицето. Дајте му ги само потребните препарати.

Објавено:
31 јули 2020
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
269 пати