Скандал во Србија: Жени тврдат дека козметичарка ги упропастила со својата нестручност

4 март 2021

Пред три дена е отворен Инстаграм профилот @oziljci_od_brazilska_official, а веќе го следат преку 7.000 луѓе. Се работи за профил на жени кои биле на третман наречен плазма пен, во еден козметички салон во Белград и се здобиле со сериозни повреди и белези на кожата, приказна која ја разбранува тамошната јавност.

Пред да ја продолжиме приказната, да напоменеме дека фотографиите што се поставени таму, а и во повеќето српски дигитални и тв медиуми, од кои дел ќе видите и тука, се вознемирувачки.

Инаку, од податоците што ги најдовме, плазма пен е третман за подмладување и затегнување на кожата, посебно ефикасен при корекција на брчки, со лифтинг ефект. Со ласерски третман се стимулираат регенеративните процеси во кожата, се поттикнува синтезата на колаген и резултатот е, односно во случајов, требало да биде, затегната и мазна кожа. Најчесто се изведува на очните капаци и вратот, но може да се изведува на целата површина на лицето.

Една од оштетените девојки, чие име е Жељана, во една утринска програма го сподели своето непријатно искуство. Имено, таа била договорена за друг третман, но ѝ бил понуден овој како подобар, со подолготрајни резултати. Со оглед на тоа дека била упатена во тоа за каков третман се работи, се согласила. Го работеле делот околу очните капаци, а после третманот ѝ било речено дека ќе има ситни крастички, кои ќе поминат за десетина дена.

Меѓутоа, последиците биле далеку посериозни. Според нејзините кажувања, се работело за сериозни изгореници и кремите кои ѝ биле посочени од докторката, не помагале при заздравувањето. После месец ипол страшни отоци и болки, резултатот биле видливи белези во пределот на очите. 

На барањето да ѝ се вратат парите, за да може да ја поправи ситуацијата, била одбиена, а од салонот, како вели, биле дури и непријатни. Откако кај друга докторка успеала да ги санира белезите исто така ласерски, оттаму ѝ јавиле дека се' повеќе девојки и жени им доаѓаат со сличен или ист проблем како нејзиниот и од истиот салон.

Жељана и уште три девојки отвориле Инстаграм профил со цел да предупредат и да им укажат на другите жени да внимаваат каде одат, да ја проверат професионалноста на местото за кое ќе се одлучат, затоа што може да им се случат вакви повреди.

Но, сосема неочекувано, бројот на оштетени жени бил далеку поголем од тоа што можеле да замислат. Четирите жени покренале тужба против докторката, за која всушност тврдат дека и воопшто не е доктор, а нуди и едукација на други девојки.

Дел од стручната фела во Србија се огласи по овој случај.

-Тоа што го видовме е катастрофа. Кога такви зафати ги работи нестручно лице, се' може да биде опасно на повеќе нивоа. Од една страна, можат да се случат мали локални инфекции, а од друга страна, остануваат многу грди белези, кои речиси и невозможно е да се отстранат. Посебно е проблематичен носот, затоа што тука кожата е специфична, тука е и 'рскавицата. Најлошо е ако инфекцијата навлезе подлабоко во кожата, може да ја зафати и 'рскавицата и преку крвните садови да се рашири понатаму, до очите, а во тој случај можно е да дојде и до воспаление на мозокот - објаснува дерматолог Светлана Миниќ, а пренесува nova.rs.

Она што е исто така важно да се напомене е дека Жељана дознала за овој козметички салон преку Инстаграм профил на позната српска пејачка. 

-Истаграм е една голема маркетинг платформа каде што можете да рекламирате било што и ова е доказ дека Инстаграм може да биде голема измама - вели таа.

 

Коментарите пак, на социјалните мрежи се различни - од оние кои им даваат поддршка на девојките и бараат казна за ваквите „недоучени доктори“, до оние кои велат дека жените претеруваат во желбата да изгледаат подобро.

„Сите сакате да изгледате како Анџелина Џоли за 100 евра“, „Продолжете и понатаму да се боцкате и да ставате се' и сешто во лицето, можеби тогаш ќе ви дојде памет“, „Кога веќе одите на корекции, зошто не ги проверувате однапред, како што ги проверувате сега“, „И една девојка да е оштетена, многу е“, „Подобро платете повеќе, отколку да преживувате вакви трауми“, „Не ми се верува дека ова е реално“, се само дел од коментарите кои можат да се најдат.

Епилог од оваа ситуација се' уште нема. Како пренесуваат српските медиуми, од салонот негираат дека нивното работење е непрофесионално и нестручно. Исто така, велат дека шест девојки имаат такви проблеми, како и дека сами си ги корнеле раните, а останатите примери се конструирани приказни. Профилите на социјалните мрежи на спорниот салон се' уште функционираат и тие таму споделуваат фотографии и искуства од успешни третмани.

Некој ова го чита од забава, но за некој е грешка која може да го чини здравје. Со оглед на тоа дека една недоволна информираност, уште повеќе недозволива нестручност, можат да чинат многу скапо, поскапо од сите третмани на светот, оваа приказна (без разлика кој е во право, а кој не) треба да биде добра поука и лекција - да разликуваме козметичар од дерматолог, односно естетски хирург, да се информираме, да не веруваме во се' што ќе видиме и да внимаваме кому му го доверуваме нашето здравје. 

Да размислиме како ќе го користиме своето време, социјалните мрежи, но најмногу од се' како (ќе) го негуваме нашето тело и дух. 

Објавено:
4 март 2021
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
16.107 пати