Стилистот Френки Пејн ги открива трите најголеми грешки што жените ги прават со косата

31 јули 2014

Денес  ве запознавеме со човекот кој е синоним за блескаво и совршено средена холивудска фризура, тоа е шармантниот фризер Френки Пејн. Тој е роден во Лос Анџелес и веќе две децении создава вистинска уметност од коса. Важи за едно од најголемите имиња во шоу бизнисот и е миленик на голем број холивудски ѕвезди. Потврда за генијалноста во поглед на работата е импресивното работно портфолио на Френки,  во кое се запишани дел од најпознатите светски имиња како негови клиенти. Тој е омилениот фризер на Бред Пит, Селма Хајек, Џастин Тимберлејк, Бен Афлек и Кејти Холмс. Пејн го обожаваат и во музичките кругови, а од музичарите соработува со „Блек ај Пис“ , „Пусикет долс“, „ Аеросмит“ и Лени Кравитз. Фризерот исто така бил дел од креативните тимови на голем број списанија како Vogue, Elle, W, InStyle, Marie Claire и Harper’s Bazaar, а остварил соработки и со дел од најпознатите фотографи како Херб Ритс, Дејвид Лашапел, Брус Вебер и Метју Ролстон кои го опишуваат како личност што е флексибилна и човек кој одлично си ја знае работата.

Како виртуоз во својата професија, Френки обожава да им „помага“ особено на дамите во креирањето на своите стајлинзи. Бидејќи косата е најголемото богатство на една жена, Френки Пејн во едно неодамнешно интервју ги откри трите најголеми грешки што дамите ги прават во однос на стилизирањето на косата.

Под број еден е бојадисување на косата во домашни услови. Тоа важи за сите без разлика дали се  мажи или жени. Ако не сте стручни, според Пејн ова може да биде навистина лоша идеја, бидејќи може да си создадете нерамномерни нијанси и да си го оштетите скалпот на кожата, а со тоа и косата.

Грешка број два е кога сами се обидувате да си ги исечете шишките. Резултатот се нерамномерни прамени и нормално, разочарување. Пејн ве советува да не брзате, да си закажете термин кај својот фризер. Тој додава дека сечењето шишки е навистина брза постапка која нема да му одзема време ниту на вашиот фризер, а ниту вас.

И грешка број три е пречестото миење на косата и нанесувањето на етерични масла кои треба да и дадат сјајност на косата. Пејн, вели дека етеричните масла или капки за виталност и сјај на влакното се нанесуваат еднаш до двапати во месецот, а не повеќе бидејќи во спротивно косата ќе поприми до маснотијата на препаратите и наместо сјајна и здрава коса ќе имате „мрсен изглед“ без волумен и живост на влакната. Исто така, фризерот вели дека два пати миење на косата во текот на една недела е сосема доволно за таа да биде чиста, здрава и блескава.

Имено, фризерот открива дека кога нема работни ангажмани обожава да го помине денот во прошетка во природа или вежбање во фитнес сала. Најмногу сака денот да го почне со свежо цеден сок од протокал, бидејќи вели дека понекогаш има потреба од многу енергија.

Исто така Пејн открива дека кога би морал да одбере една славна личност на која би сакал да и ја среди косата, тоа со сигурност би била модниот камелеон-  пејачката Лејди Гага.

„Таа е жена која секогаш знае да изненади и е подготвена за нови предизвици. Затоа и ја одбрав неа. Обожавам кога работам со музички уметници бидејќи тие сакаат да преземаат ризици“, вели стилистот.

Според Пејн, најголемите трендови за коса за 2014 година ќе бидат едноставните фризури, панк изгледите и бојадисувањето на косата во два тона. Секако, хит ќе биде кратката коса, како оние кои ги имаат Кристен Стјуарт и Шарлиз Терон, а ништо помалку популарна нема да биде и безвременската боб фризура која е модерна, урбана и секси.

 

 

 

Објавено:
31 јули 2014
Категорија: 
Убавина