Трендови на шминка и фризура од неделата на Висока мода во Париз

15 јули 2014

Маестралниот Зухаир Мурад во комбинација со Ралф Русо го затвори годинешното издание на неделата на Висока мода во Париз, а токму оттаму, ние ги одбравме најдобрите и најлошите трендови кај шминката и фризурата за следната сезона.

Ако мора да одбереме еден збор со кој ќе ги опишеме истите, тоа дефинитивно ќе биде – магични!

На пистата во Париз можевме да видиме навистина прекрасни додатоци за коса, од кои дефинитивно најголем впечаток ни оставија ретро марамите кои моделите на Џамбатиста Вали ги носеа на главата.

 

Покрај нив, дизајнерот овојпат се одлучи за неверојатно нежна шминка преку која акцент и стави на чистата и свежа кожа и уште еднаш ни докажа дека таа е една од најголемите богатства на телото за кои секојдневно мора да се грижиме. Тој ни даде еден совршен пример за тоа како секоја девојка треба да изгледа во лето, барем кога се однесува на шминката, фризурата и модните додатоци.

Покрај совршените креации, фасцинантниот Ели Сааб оваа сезона понуди тотално нежна и скоро и незабележителна шминка која единствено се состоеше од романтична сенка на очите на моделите и маскара за истакнување на трепките.

Што се однесува до фризурата, дизајнерот се одлучи за шармантно собрана коса во пунџа направена од неколку интересно извиткани прамени и многу сјај.

Одлични додатоци за коса понуди и креативната Улијана Сергеенко, чии модели носеа прекрасни златни ѕвезди во косата што одлично се надополнуваа со накитот на девојките. Шминката на Улијана беше сосема едноставна, односно одлична комбинација на бела свежа сенка со smokey eyes и чисто лице и прекрасна кожа без руменило.

Девојките на Зухаир Мурад и Ралф и Русо овојпат беа малку подраматични, со истакнати очи и темно црвен кармин (кај Ралф и Русо). Во однос на фризурите, трендот на залижана коса наназад продолжи и овојпат, а на девојките им даде дополнителна доза на сексапил и поголема женственост од кога и да е.

Прекрасни беа и моделите на Версаче со истакната шминка кај очите во интересни бои, шминката со една сребрена линија над очите на Кристијан Диор, но и модните додатоци за коса на Шанел како интересните светкави шеширчиња и уникатната фризура кај моделите.

Како и секогаш, така и оваа година имаше доволно трендови кај шминката и фризурата за кои веруваме дека многу девојки сѐ уште не се доволно смели да ги носат во реалниот живот. Такви беа модните додатоци за коса кај Stéphanie Coudert кои иако уникатни и оригинални, не веруваме дека многу девојки би биле храбри да ги одберат токму нив.

Истото беше случај и со шишките од пердуви кај Скјапарели и огромните крзнени топки како додатоци за коса кај Алексис Мебил.

Во продолжение, погледнете ги фотографиите од најдобрите и помалку ризичните трендови кај шминката и фризурата од годинешното издание на неделата на Висока мода во Париз и инспирирајте се за нешто ново и уникатно веќе за следниот значаен настан!

Објавено:
15 јули 2014
Категорија: 
Убавина