Златни глобуси 2014: Трендови за шминка и фризура што вреди да се копираат!

14 јануари 2014

По долго подготвување на шминката, фризурите и беспрекорните тоалети, во неделата вечерта холивудските диви уште еднаш ни дадоа повод за вистинско уживање. На црвениот килим на доделувањето на наградите „Златен глобус“, можевме да ги видиме прекрасните актерки и пејачки во нивните најдобри изданија. Она што традиционално се случува по секој ваков голем настан, се трендовите што ги наметнуваат холивудските диви. Такви имаше и годинава, а во продолжение погледнете некои од нив за кои тврдиме дека вреди да се копираат уште при првата прилика.

1. Залижана коса со патец на страна

Наоми Вотс и Риси Витерспун беа едни од девојките од кои не можевме да го тргнеме нашиот поглед. Тие изгледаа навистина беспрекорно со оваа елегантна и едноставна фризура која во комбинација со нивните прекрасни тоалети беше полн погодок. Оваа фризура е толку лесна и брза за правење, а доколку на целиот изглед додадете и впечатливи и масивни обетки, ние сме сигурни дека вие ќе бидете кралицата на вечерта!

2. Драматични, црвени усни

Ние знаеме дека вие веќе сте страсни обожавателки на црвениот кармин, но холивудските диви уште еднаш ни покажаа дека на истиот ни одблизу не му се гледа крајот. Можеби највпечатлива од сите на „Златните глобуси“ беше прекрасната актерка од филмот „12 години роб“ Лупита Нјонг, која покрај прекрасниот фустан имаше и шминка вредна за копирање. Покрај неа, за црвен кармин се одлучија и Тејлор Свифт, Џенифер Лоренс и Кејт Бланшет чија нијанса на кармин се постигнала со мешање на прекрасната беж и малина боја од колекцијата кармини на Армани.

3. Дебели веѓи

Веќе знаеме дека тенките веѓи повеќе не се во мода. Се поголем е бројот на девојки што ги исцртуваат своите веѓи само за да изгледаат поприродно. За таков изглед на црвениот килим се одлучи и прекрасната актерка Мила Кунис, чиј шминкер заврши одлична работа кога станува збор за шминката на очите. Покрај неа, за природен изглед на веѓите се одлучи и шармантната Софија Вергара и Лизи Каплан. Доколку и вие сакате ваков изглед, внимателно исцртајте ги веѓите со моливче, но секогаш бидете ултра внимателни за да на крајот не изгледате смешно.

4. Сина сенка на очите

Три млади ѕвезди оваа година на „Златните глобуси“ имаа сосема поинаква шминка од онаа која сме навикнати да ја гледаме. Тие донесоа нова свежина на црвениот килим со тоа што одбраа сина сенка за очи. Можеби највпечатлива од сите беше актерката од серијата „Girls“ Алисон Вилијамс која одлично знаеше да ја носи оваа поинаква шминка. Покрај сината сенка, како освежување на очите на холивудските диви можевме да видиме и сенки во интересна зелена и сива боја за кои мора да признаеме дека многу ни се допаднаа.

5. Бохо шик пунџи

Актерката Ејми Адамс во неделата вечерта на веќе здодевните пунџи им даде сосема нова димензија. На доделувањето на наградите таа се појави со неуредна висока пунџа во бохо стил за која многумина рекоа дека тоа е можеби најдобрата фризура од црвениот килим. Нејзината пунџа беше комбинација од неколку плетенки што започнуваа од страните и завршуваа во неуреден збир на целата коса без конкретна форма. Иако неуредна, сепак ова е фризура што дефинитивно вреди да се копира за првиот свечен настан што го имате во распоредот.

6. Неуредна, високо крената фризура

Актерката Амбер Хард ни покажа дека високо кренатите фризури на голема врата се враќаат во мода. На доделувањето на наградите таа се појави во прекрасен фустан во темно сина боја, во комбинација со беспрекорна и драматична шминка. Дали воопшто треба да коментираме за фризурата? Ние посакавме веднаш да си ја направиме! Нејзиниот фризер се погрижил добро да ги истапира корените, а потоа суптилно и врвовите и да создаде една неуредна пунџа што во комбинација со целиот стајлинг, изгледа сосема романтично и неодоливо.

Објавено:
14 јануари 2014
Категорија: 
Убавина