Златни правила за заштита на кожата од сонце

6 јули 2013

Многумина од нас не размислуваат колку е штетно секојдневното изложување на сонце, а летните месеци ги чекаме токму за да уживаме во сончањето. Ако сакаме безгрижно да им се радуваме на сончевите денови, потребно е да се информираме за начините како да се заштитиме од UVA и UVB зраците и со тоа да го намалиме ризикот на заболување од меланом. Експертите се единствени во препораките постојано да употребуваме креми чиј заштитен фактор е најмалку 15. Низ овој мал водич ви нудиме совети за здраво сончање...

 

Заштитете се со облека и покријте ја главата

Заштитата со лесна облека е најдобар начин да ги избегнете штетните UV зраци. Познато е дека сонцето е најјако во периодот од 10 и 16 часот, па тогаш не е препорачливо да се излагате на сончеви зраци, но доколку морате, заштитете се со соодветна облека (од природни ткаенини и во светли бои), покријте ја главата со капа или шапка и не заборавајте на кожата да нанесете крем со заштитен фактор.

 

Нахранете ја кожата со дебел слој заштитен крем  

Стручњаците препорачуваат да користите крем чиј заштитен фактор изнесува најмалку 15. Потрудете се да ја размачкате по кожата во доволна количина, бидејќи ако нанесете тенок слој, тоа може да ја намали неговата делотворност за 50 проценти. Доколку уживате во пливањето, водоотпорните креми се најдобар избор.

Заштитните креми нанесувајте ги редовно и не заборавајте го балзамот за усни

Лосионите со заштитен фактор нанесете ги барем 20 минути пред да се изложите на сонце, така кожата ќе добие време да го впие козметичкиот производ. Нанесувајте нов слој заштитен крем на секои два часа или почесто. Доколку имате исклучително светла кожа, подгответе се благовремено така што заштитниот крем ќе го нанесете вечерта пред спиење и ќе оставите кожата убаво да го впие производот. Потоа следниот ден, половина час пред да излезете на сонце нанесете ја вообичаната доза на крем со заштитен фактор. Притоа не заборавајте ги усните кои исто така се изложени на UV зраци. Затоа секогаш со себе носете и балзам со заштитен фактор и нанесувајте го почесто.

 

Покријте ги ушите со платнена шапка

Луѓето често забораваат од сонце да ги заштитат некои чувствителни делови од телото, како што се на пример ушите, деколтето, носот и дланките. Експертите истакнуваат дека дури 80% од случаевите на заболени од рак на кожа се однесуваат на главата, вратот и рацете. Затоа заштитете ја главата со шапка, а предност пред сламените имаат платнените шапки. Да нагласиме дека и овие осетливи делови треба редовно да ги мачкате со креми со заштитен фактор.

Паста од цинков оксид за носот

Истурените делови од телотот како на пример носот претставуваат посебен проблем кај заштитата од сонце. Спасувачите на плажа често употребуваат паста од цинков оксид, меѓутоа овој производ нема заштитен фактор поголем од 7. Затоа, на носот прво нанесете заштитен фактор од 15, почекајте кожата да го впие кремот и дури потоа на истото место намачкајте од пастата.

 

UV зраците напаѓаат и кога сте во сенка

Немојте да мислите дека сте заштитени од сонцето доколку лежите во ладовината на некое дрво или под чадор засонце, бидејќи UV зраците доаѓаат од секаде, се одбиваат од песокот, бетонот и од други површини. Иако ултравиолетовите зраци не се одбиваат од вода, тие лесно поминуваат низ неа, па додека пливате воопшто не сте заштитени од сонцето.

Избегнувајте „пржење“ на плажа

Се чини стручњаците залудно предупредуваат дека не постои нешто што се нарекува здрава исончаност, дека плажите во лето се преполни со туристи кои со часови се „пржат“ на сонце и сметаат дека црвенилото е природен пат до темен тен. Повеќечасовното лежење на сонце е посебно опасно за лицата со светол тен. Повеќето од нив и онака не можат да ја постигнат посакуваната чоколадна боја, а се изложуваат на голем ризик да добијат не толку наивни опекотини. Ако не можете да оддолеете на магијата на летните плажи, изложувајте се постепено на сонце, така кожата ќе успее да создаде доволно меланин за одбрана од UV зраците. И секако, избегнувајте ги маслата за потемнување, тие го зголемуваат дејството на ултравиолетовите зраци и ги влошуваат опекотините.

 

Нека не ве лажат временските прилики

И во ладните и облачни денови треба да ја заштитите кожата од сонце. Имено, и тогаш може да изгорите, затоа што зраците многу лесно поминуваат низ облаците.

 

Доколку пиете лекови, проверете дали се фотосензитивни

Одредени лекови, како тетрациклинтеи и диуретиците може кожата да ја направат исклучително чувствителна на сонце и така го зголемуваат ризикот за добивање опекотини. Слично дејство имаат и некои од билните препарати како маслото од кантарион кое се смета за фототоксично. Најдобро е да се конслутирате со лекар или аптекар за дејството на некои лекови во однос на изложувањена сонце.

 

Избегнувајте солариуми

Трагајќи по сигурно сончање многу љубители на исончан тен често применуваат потемнување во солариум. Производителите велат дека модерните солариуми гарантираат заштита на кожата, појаснувајќи дека произведуваат само ултравиолетови зраци со долга бранова должина кои не прават опекотини и за кои досега се сметало дека не предизвикуваат рак. Меѓутоа UVA зраците продираат во кожата подлабоко од оние со средна бранова должина и со време ја сушат кожата, предизвикуваат нејзино браздење и го зголемуваат ризикот од меланом.

 

Објавено:
6 јули 2013
Категорија: 
Убавина