Знаевте ли дека има и пилинг на коса?

14 април 2021

Негата на косата подеднакво е важна за добро здравје и изглед. 

Во последно време, покрај хранливите шампони, балзами, маски, масла... се' поактуелен станува нов тренд -  пилинг на коса.

Се работи за третман кој е пожелно да се прави еднаш неделно или месечно, во зависност од состојбата и здравјето на косата. 

Како и пилингот на тело или лице, и пилингот на косата ги отстранува површинските нечистотии, а исто така ја подобрува циркулацијата, со што овозможува здрав изглед на косата, а воедно помага и при раст на косата.

Шампоните знаат да го исушат влакното, регенераторите некогаш пак да ја сплескаат косата или да предизвикаат иритации. Токму затоа, стручните лица велат дека пилингот е исклучително важен при чекорите за сјајен изглед на коса.

Постојат шампони со пилинг и се користат како и сите останати. Доволно е мало количество да го распределите на дланките и да го втриете во темето со масирање.

Нанесувајте го пилингот на мокра коса, односно на скалпот. Масажата треба да трае околу 20 минути. После тоа измијте ја косата со шампон. На крајот можете да нанесете маска со витамини, серум или масло за коса, кои можат дополнително да стојат 15-тина минути. На крајот, темелно измијте ја косата со топла вода.

Шампоните кои во својот состав имаат пилинг компоненти знаат да бидат прилично скапи, се' уште, а постојат и само пилинг креми за коса. 

Но, добрата вест е што можете да си направите препарат и во домашни услови и тоа мошне едноставно.

Најбрзиот рецепт е:

-Земете филџан шеќер, помешајте го со природен шампон (на пример коприва), а потоа додадете неколку капки етерични масла. Овој пилинг ја чисти нечистотијата од коса и мртвите клектки.

Пилинг за раст на коса од лимон:

2 лажички сол со 1 лажичка маслиново масло и 1 лажичка лимонов сок.

На мокра коса нанесете го пилингот од лимон и добро измасирајте ја кожата на главата, но со нежни движења. Потоа нанесете нежен шампон и балзам за коса, како што ги користите вообичаено.

Пилинг со сода-бикарбона

Половина шолја сода бикарбона помешајте со 3 шолји топла вода и убаво измешајте додека не се раствори убаво. Потоа, со оваа смеса истријте го нежно скалпот и оставете да делува околу 10 минути, па измијте ја косата со топла вода. Сепак, ова не мојте да го правите премногу често и пред се' прочитајте убаво како се користи сода бикарбона.

Пилинг за коса со шеќер

Една лажичка шеќер помешајте ја со стандардното количество шампон кое го користите за миење на коса. Вака подготвениот пилинг нанесете го на коса, би било најдобро да го ставите на коренот на косата, односно темето на главата. Со нежни движења, ќе ги отстраните нечистотиите и мртвите клетки.

 

 

 

Објавено:
14 април 2021
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
430 пати
Тагови: 
коса пилинг