„Ако утре ме нема“ нова песна на ДНК
„Ако утре ме нема" е насловот на новата песна на ДНК, која судејќи по досегашните прегледи на Јутјуб и коментарите под видеото, е токму она што публиката го очекуваше од момците. Песната, односно музиката и текстот и овој пат се со потписот на Панчо и Лазар Цветкоски, додека зад аранжманот стои Џамбо Агушев, кој со својот оркестар всушност и е дел од целата оваа приказна.
Видеото, пак, кое е приказна за себе и приказна полна со многу драги луѓе и пријатели на ДНК, е работено со Кристијан Теодоров, режија и камера, и Владимир Митревски -Ѓуле, монтажа и боја.
– Во реализацијата на спотот учествуваа многу наши пријатели, колеги, идоли од детството, кои без збор се согласија да се појават во оваа весела видеоприказна, која за нас е едно од поубавите искуства во кариерата. Насловот на песната „Ако утре ме нема" е симболичен, бидејќи животот стана многу неизвесен и не знаеме утре што ќе биде. Се надевам дека доста ќе се слуша и ќе донесе добро расположение, вели Панчо.
Некој во коментарите под спотот напишал вака: „Ова не е екипа за Ивкова слава, малку ви е, од Спасовден до Ѓурѓовден ќе терате, сѐ боем до боем! - И навистина е така зашто дел од кадрите за „Ако утре ме нема" на ДНК феат. Џамбо Агушев оркестар, освен главните јунаци се и: Наум Петрески, Миле Кузмановски, Тони Михајловски, Васко Тодоров (Тошо Малерот), Цаки Кисми, Спасен Силјаноски, Гоце Димовски (Синтезис), Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Ѕвонко Милошевиќ – Шинтер.
Дуото „ДНК" годинава одбележува 20-годишен јубилеј, па тој повод предвидени се низа настани кои ќе бидат заокружени со голем концерт закажан на 3 декември во арената Борис Трајковски. Билетите во продажба ќе бидат пуштени од денеска.