Брод тргнат кон немерливото – документарец за Игор Исаковски

На 19-ти септември во кафулето Концепт 37 по повод роденденот на Игор Исаковски втора година по ред се читаше неговата поезија, без него.

Лани истиот ден, постхумно беше промовирана неговата книга поезија „Дека да", а годинава беше објавен документарецот посветен на еден од најавангардните поети кои некогаш го имала Македонија, насловен „Брод тргнат кон немерливото", во режија на Сашо Димовски кој исто така се потпишува и како сценарист, камерман и монтажер, а музиката е на Горан Трајкоски.

Во филмот за Игор зборуваат неговите пријатели: Јовица Ивановски, Елизабета Баковска, Тихомир Јанчовски, Тони Димков.

Иако замина на само четириесет и четири години, Игор зад себе остави шеснаесет издадени книги, од кои десет се збирки поезија. Тој не беше само плоден автор, неуморен преведувач од англиски, српски, хрватски, босански, тој беше и основач на културната институција и издавачка куќа „Блесок". Игор беше идејниот творец на електронското списание „Блесок", едно од најстарите електронски списанија за култура во Европа, преку кое, пионерски и визионерски, ја ширеше македонската култура низ светот, а светската култура ја носеше во Македонија.

Објавено:
22 септември 2016
Прегледно:
674 пати