ELENA LUKA WORLDWIDE со Билја Крстиќ: Секогаш ме пратеше среќна ѕвезда

Домашниот моден бренд Елена Лука изминатиов период ја почести публиката со нов проект насловен како ELENA LUKA WORLDWIDE, а во рамките на новостите кои ги подготвуваат овој период, кои се однесуваат на присуство на естетиката на модната куќа надвор од Македонија.

Во новата, десетта епизода од овој серијал, гостинка е етно музичарката Билја Крстиќ. Во разговорот таа објаснува зошто посебно ѝ е драга Македонија, но се присетува и на познанството со нашиот Тоше Проески, за успехот на филмот „Зона Замфирова“, за нејзините ќерки, модата и пронаоѓањето на среќата:

Македонија Ви е блиска, досега сте одржале многу концерти кај нас...

-Навистина ја обожувам македонската публика, а тоа не го кажувам како про-форма. „Бистрик" и јас многу често навистина гостувавме во Македонија и имаме прекрасни пријатели, музичари кај кои сме биле гости, или тие кај нас. На пример, јас три пати му бев гостинка на Влатко Стефановски, на неговите концерти пред две – три години, а тој беше гостин на мојот 18-ти роденденски концерт, поточно на „Бистрик", тука во Белград. Така што, одлично соработуваме и не само со него, туку и со групата „Синтезис", групата „Баклава", „Љубојна"... А секако, првата поголема соработка беше со нашиот драг Тоше Проески. И тогаш и Есма и јас бевме гости на негова турнеја. Тоа се сè убави искуства. А јас Македонија и малку повеќе ја сакам, бидејќи влечам корени од тука. Вујкото на мајка ми живееше во Куманово и таму имам роднини.

Какво беше Вашето прво искуство со Тоше?

-Тоше и јас се запознавме на првиот настап на „Бистрик" во Скопје, во рамки на „Скопско лето". Благоја Петковски беше тогаш директор на манифестацијата. Забележав дека во првите редови се млади луѓе кои пејат со нас, но еден глас посебно се издвојуваше. И тоа ми беше многу слатко, многу симпатично. Од тоа сфатив дека се работи за некој „опасен" пејач. После концертот, тој дојде, Благоја нè запозна и оттаму тргнува некое наше дружење. Пеевме заедно на еден собир, за кој и немам зборувано јавно. Се одржуваше во Атина, а тој дојде таму со неговата менаџерка Љиљана Петровиќ, која е и моја кума, инаку јас ги запознав и нив двајца. Тоше требаше да потпише некој договор за соработка таму и дојде на една прослава на „Српски денови во Атина", каде заедно ја отпеавме „Зајди зајди". А не ни пробавме претходно, па тоа беше првиот мој настап со Тоше во една, сосема неформална приказна. А подоцна, знаете и сами, ја снимивме „Јовано Јованке" во Скопје и тоа беше навистина посебно искуство. Тој беше и остана еден, за мене момче, вонсериски талент и најдобар пејач.


Филмот „Зона Замфирова" за кој направивте дури 38 композиции има голем печат врз Вашата кариера. Две децении поминаа од неговото појавување, сметате ли дека таков успех може да се повтори?

-Велат дека тоа е најгледаниот филм на сите времиња, а јас верувам дека филмот го постигна тој успех благодарение на тематиката, на феноменалните актери, прекрасната музика, сите кои учествуваа. Тоа се случи во време кога се снимаа многу филмови со воена тематика, а Здравко Шотра (режисер) маестрално го обработи делото на Стеван Сремац. Тоа се теми кои сите луѓе на овие простори ги интересираат. Убаво беше екранизирано, песните беа певливи, а Шотра прв успеа да го направи тоа, после имаше и други филмови како „Ивкова слава" и има и други, но тогаш се погоди моментот за сè!

 

Целото интервју погледнете го на почетокот од текстот:

Објавено:
6 мај 2021
Прегледно:
166 пати