ELENA LUKA WORLDWIDE со Верица Ракочевиќ: Имав два пати 5 минути слава

Домашниот моден бренд Елена Лука стартува со нов проект насловен како ELENA LUKA WORLDWIDE. Во рамките на новостите кои ги подготвуваат овој период, а се однесуваат на присуство на естетиката на модната куќа надвор.

Во шестата епизода гостинка е Верица Ракочевиќ.

Иако по вокација е дефектолог, таа е една од најуспешните српски дизајнерки. Може да се пофали со повеќедецениска кариера и ревии и надвор од Србија.

Токму таа срдечно ја прифати поканата за интервју и за форматот во организација на Елена Лука, зборуваше искрено за почетоците, за славата која ја доживеала, за богатството што со себе го носат сеќавањата, а во тој контекст и оние што ги има од Македонија.

Дел од разговорот во продолжение:

Сте завршиле текстилно училиште, напорно работевте и ја градевте кариерата, во која може да се рече и го достигнавте врвот. Од Ваша гледна точка, кога беа Вашите 5 минути слава?

-Јас имав два пати 5 минути слава. Првите пет минути беа токму во хотелот „Хајат“ каде се наоѓаме сега. Им ги правев првите униформи, а воедно овој хотел во 1990 година е отворен токму со моја модна ревија. Во 1993 година пак, јас имав повторно ревија и тогаш специјално за таа ревија дојде една од најпознатите манекенки во светот, Јасмин Гаури и уште 10 топ модели од миланската модна агенција „Fashion“. Тоа беше време на санкции, па моравме под покровителство на УНИЦЕФ да ја работиме ревијата, беше од хуманитарен карактер, па сите средства од влезниците отидоа за набавка на инкубатори за бебиња. Тие пет минути слава ќе ми останат засекогаш во сеќавање.

А вторите 5 минути слава ги доживеав после ревијата на „Шпанскиот плоштад“ во 1999 година, во рамките на неделата за Висока мода во Рим. Бомбардирањето заврши некаде во мај, а ревијата се одржа во јули истата година. Сите гледаа со неверување, италијански медиуми, во жена која дошла на недела на Висока мода од земја во која месец дена пред тоа паѓаа бомби. А ние ја работевме таа ревија под свеќа, во моменти кога немаше струја и рачно шиевме.  

Таа ревија на „Шпанскиот плоштад" ќе значи и губиток на 150.000 марки во тоа време и покрив над глава. Колкава жртва и љубов беа потребни за да го постигнете тоа што сакавте?

-Првите пет минути чинеа многу повеќе од овие вториве. Првата ревија во „Хајат“ чинеше 250.000 марки во тоа време. Таа 1993 година продадов еден стан, а 1999 го продадов вториот стан. За среќа, тоа беа други времиња, во кои со чесна работа можеше убаво да се заработи и живее. Така јас, имав три стана, па во тој третиот продолжив да живеам, така што никогаш не бев без покрив над главата. Меѓутоа, не се каам. Знаете, може да изгубите дом во некоја непогода, може да ви изгори автомобил, да пропадне банката, па да ги изгубите парите - но никој не може да ви ги одземе сеќавањата. И тоа е најдобра инвестиција. Затоа што кога и да ви е тешко, вие можете да се сетите на тие убави сеќавања.

Сметате ли дека жените со годините треба да го менуваат стилот? Вие изгледате како годините Вам ништо да не Ви можат...

-Сметам дека стилот не треба да се менува, бидејќи е дел од тоа што сте вие, автентични, свои. Најсмешно е кога ќе видам некои упатства во модни магазини - вежби за жени после 50 години, па гледате жена со кратка коса седа, како се држи за рака со сопругот, кој е исто така сед... Но, се' е индивидуално. Јас и на 73 години се' уште трчам, кревам тегови, возам велосипед, пешачам, по пет-шест километри дневно. Вчера засадив 150 цвеќиња во мојата градина, бојадисувам ѕидови... Јас целиот живот носев кратки фустани и чизми. Шорц носев до пред три-четири години. Сега веќе не, бидејќи сега јас веќе не се чувствувам убаво. Не се работи за тоа дека имам 73 години, па не смеам, туку мене не ми е убаво. Гледам жени во мои години кои по социјалните мрежи се фотографираат со една нога горе, една доле, изгледа дегутантно. Доаѓаат години кога е многу поважно што ќе речете, а да остариме сите мораме еден ден. Многу е поважно да имате достоинство, кое не подразбира промена на стилот, туку умереност во однесувањето. Што значи тоа што имате 60 години - да се сликате полуголи - не е вкусно. Не поради изгледот, туку бидејќи во тие години би требале да имате нешто друго со што ќе го фасцинирате народот, отколку со голи нозе кренати во воздух. 

 

Целиот разговор во видеото на почетокот на текстот.

Објавено:
8 април 2021
Прегледно:
299 пати