Инстаграм бабичката Бади Винкл порачува: Животот е еден, забавувајте се!

Веќе знаете дека искрено ја обожаваме најпопуларната Инстаграм бабичка Бади Винкл и многу пати сме пишувале за неа, но денеска сакаме да ви прикажеме едно видео во кое таа искрено говори за животот и она најважното во него.

Светот ја засака откако нејзината внука објави видео од неа на Инстаграм, по што за многу кратко време Бади доби бројни пофалби и милион следбеници.

Уникатните и несекојдневни комбинации што ги прави оваа 87 годишна бабичка се нешто за што навистина треба огромна храброст, а таа дефинитивно ја има во голема мера.

Иако животот баш и не бил добар со неа и прерано се простила од синот и сопругот, Бади решила да сврти нова страница со многу поголеми авантури.

Како што самата ќе каже, „животот е еден и мора да се забавуваме“.

„Не сакам да носам облека за стари луѓе. Никогаш и не сум ги носела во мојот живот. Но, никогаш нема да ме видите ниту во невкусни, премногу куси шорцеви во кои ќе се гледа мојот задник. Имам направено некои такви фотографии, но тоа беше само за забава“, вели Бади.

Нејзиното вистинско име е Хелен Ван Винкл, но од пред неколку години таа почнала да се нарекува себеси Бади за која ќе каже дека многу и помогнала да преброди бројни работи во животот.

„Бади ми помогна многу, духовно... Најважната лекција што ја научив од неа е да го живеам животот онака како што сакам. Сакам да бидам пример за постарите луѓе... Живееме само еднаш и затоа забавувајте се добро“, вели Бади.

Објавено:
21 април 2016
Прегледно:
944 пати