Ќерката на Есма започнува соло кариера под ново име

Елеонора Мустафовска е името под кое досега ја знаевме единствената ќерка на нашата легендарна пејачка Есма Реџепова.

На непосредна средба со новинарите денеска, таа откри дека започнува нова кариера, самостојна, под ново име - Малиша.

Низ разговорот таа откри дека зад ова име има голема симболика за неа. Преголемата љубов што ја врзува за внуката Малиша, која живее далеку од неа и која бескрајно многу ѝ недостасува, ја натерала да се одлучи токму за ова име, со што на некој начин секогаш ќе ја носи со себе.

Инаку, освен за новото име, на средбата стана збор и за новата песна на српски јазик и видео запис, под името „Теби се предајем“. 

Спотот е сниман во Бугарија, во филмскиот град и како велат заедно со нејзиниот менаџер Симеон Атанасов, е само почеток на една убава кариера.

Но, без разлика на самостојните проекти, кога ќе се јави потреба, таа ќе биде дел од „Есмас бенд“ каде досега членуваше.

Инаку, Елеонора, односно Малиша е родена во Кратово и потекнува од музикално семејство, каде што својот раскошен музички талент го наследила од нејзиниот татко. 

МАЛИША, своите почетоци во музиката ги има уште како дете, најпрво слушајќи го својот татко, а подоцна учествува во сите културни збиднувања во училиште, каде што микрофонот бил секогаш резервиран за неа. Така е се до својата 17 година, кога ќе има среќа да биде слушната од Кралицата на Ромската музика Есма Реџепова Теодосиевска, која во Малиша препознава потенцијал кој може да се надогради и да биде достоен глас за светските музички сцени. Како дел од надградбата на талентот, покрај работењето со Есма Реџепова, МАЛИША се запишува на Универзитетот ЕСРА Скопје, Њујорк, Париз, и е дипломиран вокален интерпретатор, во класата на професор Алексндар Стефановски.

Погоре имате можност и да го видите новото видео.

Објавено:
24 јуни 2019
Прегледно:
302 пати