Погледнете го трејлерот за долгоочекуваниот документарец за Мишел Обама -„Becoming“

На 6-ти мај во продукција на Netflix премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Becoming" базиран на промотивната турнеја за автобиографијата на поранешната прва дама на САД, Мишел Обама.

Документарецот на публиката ќе ѝ овозможи увид на различни ситуации што ја следеле турнејата низ 34 градови во САД, за промоцијата на бестселерот „Becoming" преведен на 24 јазици, меѓу кои и на македонски.

Екипата која што работеше на документарецот е истата што го реализираше и „American Factory" годинешнов оскаровец во категоријата за Документарен филм, а е во режија на Надија Холгрен.

Пред официјалната премиера, вчера беше објавен и трејлерот за документарецот проследен со соопштение од Мишел Обама во кое таа се заблагодарува на тимот за реализацијата, но истовремено упатувајќи порака на надеж во време кога светот се соочува со глобална криза.

„Тешко е во овие денови да се чувствувате приземјено или полни со надеж, но јас сепак се надевам дека и вие како мене, ќе најдете малку уживање и одмор во тоа што Надија го направи. Бидејќи таа е редок талент чија интелигенција и сочувство за другите се гледа во секоја сцена што таа ја снима. И уште поважно, таа го разбира значењето на заедницата и нејзината работа има магична способност тоа да го прикаже", вели во своето обраќање Обама.

Од друга страна пак, режисерката во изјава за „Variety“ вели дека воопшто не било едноставно да документирате жена која постојано е под надзор на агенти на Тајната служба. Но, конекцијата што тие две ја оствариле меѓусебе, Надија вели дека е нешто што никогаш нема да го заборави.

„Таа се движи брзо и јас морав да научам да се движам со неа. Снимав во тесен, интимен простор, во услови кои овозможуваат само најситни можни движења, но истовремено тоа ми овозможи да изградам блиска релација со неа", вели режисерката.

Во очекување на премиерата, погоре погледнете го трејлерот што опфаќа сегменти од нејзината промотивна турнеја во Филаделфија.

Автобиографијата „Becoming" беше издадена на 13 ноември 2018 година и беше најпродаваната книга во САД за таа година, а само првата недела продаде 1.4 милиони копии. Заклучно со март 2019 година, книгата е продадена во 10 милиони примероци.

Објавено:
28 април 2020
Прегледно:
107 пати