Пристигна трејлерот за новиот документарен филм за Одри Хепберн

Во светската јавност неодамна беше најавен документарен филм за миленичката на публиката, Одри Хепберн, насловен како „Одри - повеќе од икона“, а сега тука е и првото најавно видео.

Хелена Коан е режсерката, која приказната за актерката ја започнува со нејзината љубов кон балетот. Во соработка со балетска група, преку специјално осмислени кореографии, таа го прикажува ликот кој Хепберн го игра во филмот „Funny Face“. 

Документарниот филм изобилува со архивски, досега неприкажани снимки на славната актерка од снимањата и патувања.

Покрај тоа, филмот ги обработува и деновите на нејзината најголема популарност, но и други аспекти, како улогата на амбасадор на УНИЦЕФ.

Не смее да се заборави ни фактот дека Хепберн беше и модна икона. А за пренесување на тој аспект во документарецот задолжен е тимот на модната куќа „Меквин“. Ова за многумина е изненадување, бидејќи некако сите очекуваа потпис од „Живанши“.

Сепак, дел од тимот на оваа модна куќа ќе се појави во филмот. Некогашната креативна директорка на „Живанши“, Клер Вејт Келер, ќе зборува за актерката како муза на познатиот дизајнер. Покрај неа, Џон Лоринг од „Тифани и Ко“ ќе ги открие деталите на нивната долгогодишна соработка, со акцент на легендарниот жолт дијамант од 128 карати. 

Документарниот филм ќе се посвети и на нејзиното тешко детство, за што ќе се дознае од нејзиниот син, Шон Хебперн Ферер. 

„Од неухранетост и живот под окупација до Холивуд и статус на уметница, миленичка на народот“, вака во една реченица би можело да се опише она што се' го содржи ова остварување.

Објавено:
27 октомври 2020
Прегледно:
199 пати