Слушнете го „GODS & DEMONS“ - новиот сингл на The Three Оf Us

По објавата на еклектичниот деби спот Dropout, македонскиот артист The Three of Us нѐ носи подлабоко во своето творештво, овој пат со песната Gods & Demons, чиј видео запис е изработен на еден интересен и малку поинаков начин. 

Темата на овој сингл потекнува, а и говори за контрастот и двојноста на човековата природа. Покрај неоспорливата оригиналност на неговото творештво, The Three of Us со неговата музика продолжува емоционално и интелектуално да нѐ води на места на кои вообичаено навистина ретко се наоѓаме. 

Во снимањето на спотот учествуваа пет професионални филмски екипи кои истовремено снимаа во Европа и Азија, како и многу луѓе кои испратија нивни сопствени снимки направени аматерски, или полу - професионално. Мал дел од најдобрите материјали што беа снимени во текот на тој седумдневен процес се прикажани во ова одлично видео. 

„По најдолгиот сет за музички спот на кој што сум бил досега и по постојаниот контакт со филмски екипи и луѓе лоцирани во градови како Берлин, Скопје, Токио, Јордан и други, можам со сигурност да речам дека ова е досега воедно и највозбудливиот видео проект на кој сме работеле. Интерактивниот пристап што го применивме за да го реализираме овој материјал беше одлична идеа и се надевам дека во иднина некогаш повторно ќе имаме прилика да монтираме спотови чии материјали се должат како на нашите екипи, така и на публиката“, вели Давид кој твори зад името The Three of Us. 

Погледнете го спотот и слушнете ја новата песна на овој млад и надежен музичар.

Објавено:
10 октомври 2019
Прегледно:
183 пати