Видео: „Само сврти се“ - Нова балада на Лара Иванова и Панче Касапски

Во преостанатите денови од последниот месец од годината, македонската музичка сцена на крајот на 2021ва, започнува да добива сè пооригинален лик и форма.

Пејачката Лара Иванова заедно со пејачот и композитор, Панче Касапски за своите фанови го подготвија видео записот на новата песна, „Само сврти се", автентична и модерна поп-балада со изразен бит, чиј темел се емоциите и уметноста.

Во видео спотот Лара е претставена како сликар, — мотив, кој што е целосно нејзина идеја како начин за визуелизирање на тематиката на песната, а драматичноста на испеаните стихови е преточена во секој кадар од новото видео.

Зад првиот дует на Лара и Панче стои квалитетен и искусен тим. Музиката и аранжманот се на Панче Касапски, миксот и мастерингот се снимени во студиото на Лазар Цветкоски, а текстот е на Робин Зимбаков. Режисерската палка на видео записот му припаѓа на Ѓорги Вацев, а уникатното сценарио за видеото се должи на креативноста на целиот тим.

„Навистина сум пресреќна што сум дел од овој проект заедно со Панче и многу талентирани лица од музичката индустрија, кои се заслужни за мојата нова омилена песна. Како мој прв дует со македонски артист, моите очекувања се дефинитивно надминати, а снимањето на песната во студиото на Лазар Цветкоски секако делумно допринесе за истото. Со помош на музиката и желбата да креираме нешто сосема поинакво и оригинално, и со моќните стихови, кои што Робин Зимбаков совршено ги вклопи во оваа песна и кои што пренесуваат автентична емоција, – заеднички успеавме да создадеме оригинално уметничко дело. Видеото изобилува со црно-бел приказ, но вистинскиот колорит на песната се чувствува во самата мелодија и во мојата и изведбата на Панче, — нешто кое Ѓорги Вацев умешно успеа да го долови. Спотот е снимен во Музејот на Град Битола, можност за која што сум многу благодарна, како на институцијата, така и на Битолчани," изјави Лара.

Името на песната „Само сврти се" само по себе е доволен повик очите на јавноста и фановите да се свртени кон новиот видео запис и да уживаат во ова ново музичко дело за време на празниците.

„Да се соработува за прв пат, со вокал и музички талент каков што е Лара, е вистинско задоволство и привилегија. Секако истото важи и за легендарниот тим, кој што е и повеќе од заслужен за реализирање на овој дует и видео спот, а за кој што ми е искрено драго што сум дел и како композитор. Како пејачи, со Лара совршено се надополнуваме во „Само сврти се" и емоциите, кои што ги пренесуваме низ песната, се целосно доловени и евидентни во секој испеан стих," изјави Панче.

Објавено:
28 декември 2021
Прегледно:
207 пати