Видео: Во недела ќе се одржи централната прослава по повод 1000-годишнината на Бигорски манастир

Во недела, на 18 октомври, ќе се одржи главната и централна прослава на големиот јубилеј: 1000 години од основањето на Бигорскиот Манастир. По тој повод интегрално ви го пренесуваме соопштението од манастирот во кое се посочени сите детали околу обележувањето на милениумскиот јубилеј.

„Најнапред, во сабота, на 17 октомври, со почеток во 18:00 ч. ќе биде отслужена архијерејска Вечерна богослужба, на којашто молитвено ќе претстои нашиот почитуван надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Во недела, на 18 октомври, со почеток во 9:00 ч. ќе биде отслужена Божествена архијерејска Литургија, со којашто ќе чиноначалствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.

По завршетокот на Литургијата, со пригодно слово кон присутните ќе се обрати Архиепископот г. г. Стефан, а после него и покровителот на прославата, Претседателот на државата г. Стево Пендаровски.

Во продолжение, од страна на Митрополитот г. Тимотеј и Епископот г. Партениј ќе бидат доделени ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за благолепието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија“.

Гостите што ќе присуствуваат ќе бидат дел од историската милениумска прослава на Свештениот Бигорски Манастир, којшто цели десет века е сенароден светилник кој го покажува патот кон возвишеното, светото, благородното, патот кон спасението и обожението во Христа. Но, и за оние коишто нема да бидат во можност физички да присуствуваат, ќе биде обезбеден директен пренос на МТВ, на нашата Фејсбук страница и на нашиот Јутуб канал.

Во прилог погледнете го и видеото што за овој значаен настан го подготви продукциската куќа „Дрим фектори“.

Објавено:
13 октомври 2020
Прегледно:
102 пати