Не дозволив во ниеден момент да бидам победена

25 октомври 2023

Велат кога животот ќе ти испрати лимони, направи си лимонада. На почетокот оваа изрека ми беше нејасна, но со текот на годините се подобро ја разбирам.

Животот е непредвидлив и никогаш не сме подготвени за лоши вести. Но, човекот е посилен од сè и може да поднесе многу. Може да го направи и навидум невозможното, да го победи и непобедливото.

Октомври е обоен во розово со цел да даде надеж на многу жени кои се борат со рак на дојка. Да биде потсетник на самосвесност, да ни укаже дека треба да се грижиме за нашето здравје, секој можен ден и на секој постоечки начин.

Нашата соговорничка Александра, за оваа инспиративна приказна, е голем победник...

Александра здраво, накратко кажи ни нешто за себе за да можеме да ја доближиме приказната до читателите...

Здраво. Моето име е Александра Величковска, имам 40 години, сопруга сум и мајка на две дечиња. Остварена на скоро секое поле од животот. Мислев сè е идилично и хармонично, секако со пропратни препреки како и кај секој но, сепак задоволна си го живеев животот. Сè до еден ден ..... 08.09.2022 ден кога сè ми се промени.

Пред болеста

Како започна битката со лошата болест? Дали почувствува одредени симптоми или случајно се откри?

Мојата битка започна преку ноќ. Кај мене првично се појави една промена во вид на вовлекување на кожа на дојката, промена односно симптом кој ми најави дека нешто не е во ред. По една седмица веќе бев на ехо и мамографија и мојата борба започна.

Што прво помисли во моментот кога ти ја соопштија дијагнозата?

Тој ден нема никогаш да го заборавам. Имав некое лошо претчуство дека ќе го чујам токму тоа што го чув како резултат. Уште при самата мамографија која ја извршува сестра на докторката, знаев по нејзината гестикулација дека состојбата е сериозна. Така и беше. Веднаш ми беше соопштено да се подготвам физички и психички за биоспијата, бидејќи очигледно беше дека ќе ми претстои голема борба. Борба за живот. Биопсијата контстатираше Канцер на дојка, со дијагноза C50 и стадиум 3C. Тоа е за жал поодмината фаза на Канцер на дојка. Се чудев како и покрај редовните контроли се најдов во вака безизлезна состојба. Но, секако немав друг избор освен да се соочам и да терам само напред.

За време на лечењето

Дали побара повеќе мислења, што следуваше откако дозна за болеста?

Искрено немаше потреба за второ мислење, имав можност да бидам прегледана од врвна докторка која ми даде и совет каде да се обратам за оперативен зафат. Хирургот е еден од најбитните фактори во зачетокот на борбата. Оперативниот зафат требаше да се случи во најкус можен рок, за да се избегне уште поголемо ширење на болеста. Бидејќи стадиумот како што напоменав претходно ми беше од повисок ранг. Искрено немавме време за губење. Затоа веќе на 20.09.2022 бев во операциона сала. Операцијата беше успешна, имав можност да ме оперира врвен хирург и можам со право да кажам еден од двајцата најдобри хирурзи во нашата држава. Пост оперативно се чувствував одлично, и иако имав масивна мастектомија која значеше долго опоравување, јас бев добра. Потоа ми следеше стандардната онколошка терапија односно хемотерапијата која е макотрпна, но и со неа се изборив, потоа радиотерапија имав 15 последователни зрачни терапии, а сега сум на хормонска и таблетарна терапија. Борбата е долга и продолжува.

Од каде најмногу црпеше сила, кој ти беше најголема поддршка?

Силата ја црпев и ја црпам постојано, најмногу од семејството, од најблиските. Штом ќе се најдеме во ситуација која за вас значи живот или смрт, кога сме пред борба на која крајот не и се знае, е тогаш е тој клучен момент кога се променува сè. Бирате дали сакате да се изборите или предвреме да се откажете.

Колку се смени начинот на живот?

Во комплетна смисла се менува начинот на погледот на животот, не само животот. Тогаш си правите во мислите еден убав камбек на сè што поминало, сè на што сте ставале беспотребен акцент сфаќате дека било непотребно и минорно. Јас за мене сфатив дека неопходно е да си го намалам кругот на луѓето околу мене, неопходно е да ги имам во близина само оние кои ми влеваат позитивна енергија, а оние со лошата аура подалеку од мене. Стресот да ми е на нулта ниво и да нема простор за лоши мисли.

За време на лечењето

Како реагираше околината, луѓето околу тебе?

Луѓето околу мене, иако се трудеа да бидат позитивни, во очите им гледав жал и болка. Но, никогаш не дозволив разговорот за мојата болест и борба да биде табу тема и за истото да не се разговара. Со мојата позитивна енергија и став кон сè што ми носи животот и што ми се случува ги натерав во буквална смисла на зборот да веруваат дека се ќе биде во ред. Многу од оние кои ме познаваат ми се восхитуваат на тоа како се борам, на тоа како одам напред и покрај сè. Јас во ниту еден момент не дозволив да бидам во било која смисла победена.

Дали проба некои алтернативни начини за да ја победиш болеста?

Веднаш од старт започнав со алтернативни начини на лечење, но тоа не значи дека сум одбила оперативен зафат или терапија. Еве веќе цела година користам разни препрати, суплементи, чаеви кои ми помагаат да останам здрава.

Дали Александра сега е онаа истата или се роди нова уште посилна?

Кога ќе погледнам наназад ретроградно, не се споредува Александра пред 08.09.22 и сегашната Александра. Оваа Александра срушила и ќе руши уште многу ѕидови и препреки. Прво се борам и ќе се борам за себе, а потоа за семејството и најблиските. Сакам да бидам и ќе бидам тука за матурата на мојата ќерка, за свадбата на мојот син, за уште патувања со сопругот и секако уште многу убави моменти кои ќе ни следат во животот. Јас сум добра и ќе бидам добра и здрава уште долго, за себе и за нив.

По завршената терапија

Што имаш да им кажеш на оние жени што се борат со рак на дојка, што би ги посоветувала нашите читатели?

Мој совет до сите жени кои се мои соборки е да бидат многу силни, да веруваат дека со позитивна мисла сè се пребродува. Многу лош факт е дека ракот на дојка е подмолна болест која ја засега, за жал скоро секоја втора жена. Страшно е бидејќи последнава година морталитетот е на највисоко ниво. Реално и психолошката состојба на онколошките пациенти е на самото дно, затоа и болеста си го прави своето. Но, не треба да се губи надеж. Не треба да имаме предрасуди и доколку сме несигурни во себе да побараме стручна помош, сè тоа е за подобро справување со болеста. Сепак треба да се остане присебен и нормален за да може да се поднесе секој предизвик кој ни го носи борбата со оваа подмолна болест.

Имам совет и за сите нас жените и сите читатели на вашиот магазин, да напоменам раната превенција е најбитна за да се спречи или рано превенира било која болест. Редовна контрола и посета на доктор е мојот совет за сите. Исто така научете сè да го живеете животот со полни гради да верувате дека секој нов ден е дар од Бога. Радувајте му се на секој ден како да ви е последен. Впрочем и никој не знае што ни носи иднината затоа и треба да ја живееме сегашноста. Имајте на ум дека Бог најтешките битки им ги дава на своите најголеми борци.

Наше е само да се соочиме со реалноста и да не се предаваме во било кој фаза од животот. Имено за мене поимот ЖЕНА значи ХРАБРОСТ, МУДРОСТ, СИЛА И ВЕРБА. Не е залудно жената столб на семејството и куќата.

Фото: Приватна архива

 

Објавено:
25 октомври 2023
Категорија: 
Здравје