How was the steel tempered?

Марија Крстова, Уредник на fashionel.mk

 

Познавам многу челични жени. Стамени жени, чиниш светот може да го поместат. Жени искалемени од олуи, од дожд и од сонце после дождот. Жени со брчки околу очите оти кога се смеат, се смеат со брчки, срцето им се смее. Жени со бистри очи, продорни, измиени од солзи, растопени во некоја глува доба, без никој да ги сети, очи на кои им веруваш оти тие очи не знаат да лажат. Жени, можеби навидум сосем обични, ама без нив се рушат светови оти тие се стожер, оти тие се темел, оти тие се цврстина.

Познавам многу жени со лузни. Никогаш на мегдан, лузни скриени, ама толку длабоки да ги потсетат колку многу се живи секогаш кога животот ќе им донесе нова олуја. Жени кои поминале низ „сито и решето”, ама никогаш не ја изгубиле – со една толку скапа насмевка. Кога таквата жена ќе ти се насмее, ќе ја почувствувате околу срцето. Ќе ве стопли. Тие скапи насмевки не се за расфрлање, ама несебично ги дава.

Познавам многу смели жени. Колку пати животот ги „паднал”, толку повеќе му се вратиле похрабри. Попатно собрале толку многу сила, сами да му се спротистават на светот, исправени пред сите предизвици и неправди, достојни, величествени, уверени дека можат, знаат, сакаат. Затоа што навистина можат, знаат и сакаат.

Познавам и едни такви жени, кои говорат тивко, а гласот им е толку продорен и моќен – руши ѕидови и спојува острови. Говорат умни вистини, освестуваат, охрабруваат, водат. Жени кревки и кршливи, од крв и месо, ама жени ѕверки кои од пустини создаваат оази и во сите темници го носат своето кандилце од светлост, чистина, остроумност – светат со својата искреност, природност, такви какви што навистина се – свои.

Челични жени. Ја гледаш во огледало секој ден. Насмеј ѝ се, потребно ѝ е повремено да ја окуражиш, да ја потсетиш колку вреди и колку му е потребна на светот и на себеси. Оти ти си таа која најмногу тоа го може.

За сите мои знајни и незнајни челични жени…

No Comments Yet

Leave a Reply

Your email address will not be published.

en_GBEnglish