Канго Џампс – кога забавата и фитнесот стануваат едно

Кангo Џампс (Kangoo Jumps) е спорт кој комбинира фитнес и забава. Овој спорт е многу популарен бидејќи овозможува ефективно кардио-вежбање со минимално оптоварување на зглобовите, благодарение на специјално дизајнираните чевли со пружини. Тренингот ги подобрува кардиоваскуларните способности, го зајакнува телото, ја подобрува рамнотежата и е одличен начин за ослободување од стрес. Бидејќи Канго Џампс е многу динамичен и забавен, често привлекува млади луѓе кои сакаат спортови кои се поинакви од традиционалните фитнес тренинзи.

Oд Канго Џампс има дури 33 здравствени придобивки. Ги штити зголобовите, помага за зголемување на густината на коските, го намалува стресот, – ова се само некои  од неколкуте здравствени придобивки од овој тренинг, вели Павлинка Тренчовска која е итернационален презентер за Канго Џампс и веќе неколку години професионално се занимава со овој спорт. Таа објаснува дека од ден на ден се повеќе се зголемува заинтересираноста за овој речиси нов спорт кај нас.

Повеќе за Кангo Џампс (Kangoo Jumps) дознаваме од разговорот со Павлинка Тренчовска.

Што всушност Канго Џампс претставува?

-Kangoo Jumps е водечки светски бренд за отскокнувачки чевли кои користат иновативен патентиран систем “Систем за заштита од удар” IPS ситем, кој е прикачен на долниот дел од чевлите во вид на елипсовидна конструкција.

Kangoo Jumps брендот има развиено повеќе фитнес програми : Kangoo Power, Kangoo Dance, Kangoo Kick&Punch, Kangoo Boot Camp и фитнес програма за најмладите , Kangoo Discovery.

Како изгледа еден Kangoo Jumps тренинг?

-Секој тренинг иако поседува своја специфичност, сепак  претставува циклус во кој мора да бидат опфатени основни и задолжителни фази. Започнуваме со загревање, потоа следува главен дел од тренингот и на крај имаме ладење и истегнување.

Кои се здравствените придобивки од Kangoo Jumps и колку е безбеден?

-Здравствените придобивки се многубројни! Дури 33! Би се задржала на неколку!

-Поради плиометријата врз основа на која се темели отскокнувањето и се изведува со специјалните отскокнувачки чевли, ризикот од повреди е значително намален, а заштитата на зглобовите е значително зголемена споредено со класични фитнес патики!

-Овозможува поефективен начин за зголемување на кислородната потрошувачка споредено со тренинг со класични патики!

-Тренингот со Kangoo Jumps отскокнувачки чевли бара поголемо количество на кислород и аналогно на тоа овој тренинг е многу поефективен во поглед на бројот на потрошени калории. Дури двојно повеќе!

-Овозможува бројни општи здравствени придобивки: брзо намалување на телесна тежина, топење на масти, градење на мускулна маса, го забавува процесот на стареење поради тоа што помага во затегнување на кожата, го подобрува држењето на телото и балансот, превенира кардиоваскуларни нарушувања, ја зголемува густината на коските поради што штити од остеопороза, индуцира еуфорија, а намалува ментален стрес, превенира повреди, го намалува нивото на холестерол и триглицериди, го подобрува спиењето, го намалува заморот и менструалниот дискомфорт кај жените, го подобрува имунитетот, ја подобрува координацијата…

Безбеден е поради IPS системот кој претходно го споменавме. Сите придобивки, а воедно и безбедноста се благодарение на тој систем.

Како овој тренинг влијае на срцето и кардиоваскуларниот систем?

-Отскокнувањето, може да се опише и како “вежба за срце”.

Kangoo Jumps отскокнувачките чевли ја подобруваат физичката активност на нозете, примарните екстремитети на телото. На срцето му е многу полесно при поголем физички напор да ги снабдува нозете со крв отколку да пумпа крв до горните екстремитети, рацете. Тогаш се зголемува пулсот поради покачениот крвен притисок, а не поради зголемената кислородна потрошувачка. Токму поради ова, вежбањето со Kangoo Jumps отскокнувачки чевли е подобро и безбедно за нашето кардиоваскуларно здравје. Имаме подобрена срцева работа, подобрена потрошувачка на кислород без притоа да се покачи крвниот притисок.

Кои се главните предности од Kangoo Jumps за мускулите и како влијае на зглобовите особено на колената и колковите?

-Kangoo Jumps го подобрува тонусот на мускулите и ја подобрува лимфната дренажа.

Патентираниот систем за заштита од удар, IPS системот, апсорбира дури 80% од ударот при отскокнувањето со што се овозможува заштита  на зглобовите, колената, колковите и ‘рбетот. Всушност, првично, чевлите се конструирани од страна на лекар ортопед заради потребите на професионални атлети кои се опоравувале од повреда на колено.

Дали Kangoo Jumps помага за намалување на стесот и на подобрување на расположението?

-Секако дека ДА! Користењето на Kangoo Jumps отскокнувачки чевли е одличен лек за депресија и анксиознот! Го буди детето во нас предизвикувајки состојба на еуфорија. Ова може да се објасни со брзото ослободување на ендрофини –хормони на среќата.

Колку е ефикасен како кардио тренинг во контекст на слабеење?

-Значително поефикасен споредено со други фитнес програми. Главните бенефити како што се зголемената кислородна потрошувачка, интервалното менување на интензитетот на тренингот, забрзаната срцева работа без ризик од покачување на крвниот притисок овозможуваат телото за време на тренингот да бара поголемо количество на енергија која ја обезбедува со трошење на поголем број калории. Токму поради ова претставува одлична алатка за брзо слабеење.

Колку често треба да се практикува Kangoo Jumps за да се почувствуваат здравствените придобивки?

-Оптимално е три пати неделно. Но, доколку не постои можност, тогаш и еднаш, и два пати, е подобро од ниту еднаш!

Дали постојат некои ризици или некои ограничувања за луѓе со здравстеви проблеми?

-Бремени жени не смеат да го практикуваат.

Како да се избегнат повреди при тренгингот со Kangoo чизми?

-Не постојат ризици за повреди доколку се користат правилно.

Дали Kangoo Jumps е погоден за секоја возраст?

-Погоден е за сите возрасни и деца  над  9 години.

Вие како инструктор по Kangoo Jumps, што би им препорачале на оние кои сакаат да започнат со Kangoo Jumps?

-Би им препорачала да дојдат што побрзо и повеќе од сигурна сум дека ќе се вљубат на прв поглед. Ова е навистина нешто сосем различно. Добивам коментари од клиентите дека не се свесни како поминуваат 60 минути толку брзо.

За мене тоа беше љубов на прв поглед!

Овој уникатен вид спортска активност е омилен меѓу луѓето кои сакаат динамични и забавни тренинзи. Ако сте љубители на активен живот и сакате да пробате нешто ново, можеби токму ова е вистинскиот избор за вас.

Ивана Вангелова

 

 

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian