Прогласени победниците на конкурсот за најдобра скица, врвниот тим на ЕЛЕНА ЛУКА ќе ги оживее нивните дизајни

Матурантката Стефанија Јованова и полуматурантката Зорица Чапанова се победничките на конкурсот за најдобра скица за матурски фустан, организиран од ЕЛЕНА ЛУКА. Конкурсот беше наменет за матуранти и полуматуранти од Струмица  кои имаат талент за дизајн и сакаат да ја покажат својата креативност.

Конкурсот за најдобра скица за моден дизајн организиран од ЕЛЕНА ЛУКА беше исклучително успешен, со голем број на пријавени ученици. Од тие пријавени, 26 ученици беа одбрани и повикани да ја покажат својата оригиналност и автентичност со повторно цртање на истите скици. Овој процес на верификација на автентичноста им овозможува на организаторите да ги проверуваат и евалуираат делата на учесниците пред да ги направат конечните одлуки.

Стефанија Јованова покажа голем талент и креативност, освојувајќи ја првата награда за најдобро изработена скица за матурски фустан. Нејзината креација ќе оживее благодарение на тимот на ЕЛЕНА ЛУКА. Ова признание не само што ја истакнува нејзината уметничка визија, туку и ѝ отвора врати кон светот на модата.

„Овој конкурс беше навистина добра идеја да поттикне креативност и кај матурантите и кај полуматурантите и од таа гледна точка сакав да се пријавам на конкурсот, да дадам пример за помладите генерации. Идејата за мојата  победничка креација беше уште од прва година од  модна ревија на Шанел.“- изјави Стефанија Јованова.

Зорица Чапанова од 9 -то одделени исто така освои прва награда за најдобро изработена скица за матурски фустан, кој исто така ќе биде изработен од професионалниот тим на ЕЛЕНА ЛУКА.

„Со големо задоволство се пријавив на конкурсот организиран од ЕЛЕНА ЛУКА, бидејќи отсекогаш сакав да цртам и имав желба да создавам уникатни фустани. Инспирацијата за креацијата ми беше од повеќе врвни дизајнери. Чест ми беше и сум благодарна за наградата доделена од конкурсот организиран од ЕЛЕНА ЛУКА. Веќе ја замислувам и мојата креација изработена од нивните врвни професионалци, а јас и во иднина планирам да продолжам со моден дизајн.“- вели Зорица Чапанова.

Стефан Арламов од 9 -то одделение, Викторија Трајановска и Марија Гроздановска од четврта година, освоија втора награда за одлично изработени скици за матурски фустани. Како признание за нивната креативност и труд, тие добиваат еден месец бесплатни часови за цртање во Арт Студио Кончалиев и 30% попуст од ЕЛЕНА ЛУКА.

Трето место освоија Мила Танева и Сандра Стојановска, a нивната награда – професионален сет за цртање и 30% попуст од ЕЛЕНА ЛУКА ќе им помогне во понатамошното уметничко изразување.

Околу 20 ученици добија пофалници од ЕЛЕНА ЛУКА за добро изработени скици за матурски фустан, додека сите останати ученици добија благодарници за нивното учество во проектот.

Ова е одличен начин да се наградат креативноста и трудот на младите таленти, како и да се поттикне нивниот интерес за модниот дизајн. Со организирањето на овој настан, ЕЛЕНА ЛУКА ја поттикнува креативноста и иновацијата кај младите, нудејќи им одлична можност за креативно изразување и демонстрација на својот талент.

Ивана Вангелова

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian