Што е тајната на квилинг уметноста?- Креативната приказна на Александра Ѓурчиноска

30-годишната струмичанка Александра Ѓурчиноска повеќе од осум години се занимава со квилинг, техника позната и како „филигран на хартија“. Преку обликување и виткање на хартија, таа создава уникатни фигури и слики кои пленат со својата префинетост и детали.

Ѓурчиноска првпат се запознала со квилингот преку интернет. Гледајќи разни изработки, во неа се разбудила љубопитноста и желбата да се обиде. Нејзиното прво дело – филигранска пеперутка – било само почеток на едно хоби што постепено прераснало во нејзина голема пасија.

Покрај тоа што работи како наставник по информатика, Александра своето слободно време го исполнува на креативен начин, изработувајќи дела кои стануваат сè попопуларни. Денес, квилинг уметноста е нејзина преокупација, а побарувачката за нејзините дела постојано расте.

Најмногу радост ѝ носат нарачките за најмладите, за кои создава слики со посебна љубов и внимание. „Детските насмевки се најголемата награда за мојата работа,“ вели Ѓурчиноска.

Нејзините дела не се само хоби – тие се израз на страст, креативност и посветеност.

Повеќе од интервјуто со Александра Ѓурчиноска

  1. Каква уметност се крие зад терминот „квилинг техника“ и како ти ја откри?

-Квилинг техника е техника која низ исторјата т.е во времето на ренесансата, била користена за декорирање на икони и други верски објекти во манастирите, во времиња кога монасите не можеле да си дозволат некој друг скап материјал за ракоделија па ја користеле позлатената хартија. Подоцна таа била користена и за изработка на накит, декорации за домовите и сл.
Денес, квлинг техниката зафаќа голем спектар на дизајни низ кои може да се примени.
Оваа техника јас случајно ја открив, никогаш претходно немав слушнато за квилинг, но пребарувајќи на интернет, што друго може да се изработува со хартија, освен оригамите кои во тој период ги изработував, наидов на квилингот кој многу ме потсетуваше на филигранските срмени изработки, на кои им се воодушевував.
Квилинг техниката кај нас е позната и како филигран од хартија.

     2. Каков е спектарот на изработки, какви материјали најчесто се користат и коe е твоето прво изработено дело?

-Главен материјал за изработка на едно дело во квилинг техника е хартијата. Таа може да биде користена во повеќе бои па сликата да биде нијансирана или повеќе дебелини на лентите хартија, кои исто така може да се прават во неколку димензии (2мм,3мм или 6мм) и така сликата да добие посебен изглед. Нормално, се користат и други алатки при изработката, ножици, лепило за хартија, пинцета, игла за виткање на хартијата, машинка за сечење ленти и рамка, за на крај делото да добие полн сјај е поставено и заштитено со декоративна рамка.
Опсегот на изработка може да биде голем и тоа зависи од инспирацијата или од желбите на клиентите. Понекогаш при изработката на некоја рамка користам и други техники, правам цветови во 3Д облик и ги полнам рамките со нив па додавам налепници со одреден текст, дати или имиња. Боите на хартијата исто така даваат можност за изработки на различни дизајни. Квлинг елементите може да бидат поставени и на честитки, декоративни пликоа и сл.
Моето најпрво изработено дело беше филигранската пеперутка. Токму од срмените филиграни ја добив и желбата и инспирацијата за изработка на нешто што е рачна изработка.

  1. Од каде идејата да се занимаваш со ваква уметност, што те мотивираше и колку време веќе го работиш ова?

-Најпрво правев оригами, што исто така е техника во која главен материјал е хартијата и изработував 3Д фигури за себе за да си го пополнам слободното време. Сосем случајно ја запознав квлинг техниката, и од љубопитност да се пробам дали можам да направам нешто такво и јас, пробав пред околу 8 години, во мојот студентски период , и ете продолжив до денес. Мотивација ми беше непознатото, желбата да научам нешто ново, да креирам нешто со своите раце, да го тренирам моето трпение и да уживам во дизајните кои ги менуваат мотивите. Почнав со изработка на дело кое има само еден елемент, најчесто инспирацијата ми беа филигранските изработки, правев пеперутки, крстови и украсував икони, подоцна пробав да направам детски мотиви, само цртани ликови, па додавав имиња… Сега веќе правам дизајни со мотиви кои ги бараат луѓето и комбинирам повеќе техники.

4. Твојата професија е наставник, како успеваш да најдеш време за креирање и создавање уметност, бидејќи квилингот бара доста креативност, трпеливост и прецизност?

– Да, јас сум наставник во основно училиште и работата со децата бара доста посветеност, но секое слободно време, а најмногу викендите ги користам за да се посветам на квилинг изработките, и секако, поддршката од семејството ми значи многу па и тие знаат да ми помогнат понекогаш со нешто што е поедноставно за изработка. Техниката бара прецизност, време, трпение, многу љубов, а сите детали кои ги има на едно дело секогаш се предизвик да се направат.

 

5. Твоите дела најмногу ги освојуваат срцата на најмладите, што најмногу тие сакаат?

-Да, најбарани се изработките за деца, а особено за новороденчињата. Најмногу се бараат детски цртани ликови, Дизни ликовите кои ќе одговараат на ентериерот на детска соба или тема за роденден или едноставните бебешки дизајни на кои многу често бараат да се вметнат првите податоци на бебето. Тоа се всушност и моите најдраги дела за изработка.


6. Колку се барани овие рачно изработени дела и која креација ја сметаш за најголемо твое достигнување?

-На почетокот, голем дел од луѓето не го познаваа поимот квилинг техника и не знаеја што всушност изработувам, но подоцна кога почнав да ги објавувам изработките на социјалните медиуми, веќе ги препознаваат и сами знаат да пребараат на интернет па да ми пратат нешто што им се допаднало за да се изработи. Се бараат, најчесто за некои конкретни поводи, како податоци за родендени, мекици, веридби, како божиќни подароци и сл.
Па, за најголемо достигнување не можам да одвојам некоја изработка, но ако треба да изберам, како најголемо достигнување ги сметам дизајните изработени за новороденчињата, затоа што побарувачката за нив е најголема, па според тоа можам да заклучам дека тоа е нешто што и на поширокиот круг на луѓе им се допаѓа. Како достигнување на дизајн што има најмногу детали изработени во квилинг теника ќе го одвојам дизајнот со морски свет, иако сите се предизвик да се направат и сите се уникатни на свој начин. Кога рачно се изработува некое дело тоа не може да се повтори подоцна во целост.

Ивана Вангелова

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian