Талентираната пијанистка Кутузова ја освои публиката во спектакуларни креации на ЕЛЕНА ЛУКА

Талентираната руска пијанистка Варвара Кутузова ја освои македонската публика во спектакуларни, раскошни креации од реномираниот моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА на својот прв настап во земјава, кој во саботата се одржа во Македонска филхармонија.

На настанот кој беше организиран по повод 185-годишнината од раѓањето на големиот руски композитор П.И. Чајковски, од страна на европската асоцијација за интеракција во областа на културата, образованието и спортот, „Окса проектс“, Кутузова носеше 3 креации на ЕЛЕНА ЛУКА кои дадоа гламурозен ефект на нејзината изведба.

На отворањето на својот соло пијано концерт, младата и талентирана Варвара Кутузова која е победник на многу интернационални натпревари и една од најистакнатите претставнички на современата руска школа за пијано блесна во креација од златен брокат.

„Фустанот е изработен од раскошен златен брокат, кој создава богат и луксузен ефект. Има класична А-линија со корсетен горен дел што го нагласува струкот и преминува во широко здолниште кое создава грациозен волумен. Дизајнот е елегантен и софистициран, идеален за свечени настани, додека ткаенината со златен сјај додава доза на гламур и префинетост.“-велат од тимот на ЕЛЕНА ЛУКА.

На вториот дел од концертот каде Кутузова изведе дела од Рахмањинов, носеше елегантна и софистицирана тоалета, која совршено се вклопи во нејзината импресивна изведба.

„Креацијата е елегантна и софистицирана, изработена во црна боја со комбинација на сатен и транспарентна чипка. Горниот дел е украсен со цветни апликации од чипка, кои создаваат драматичен и романтичен ефект, додека ракавите се долги и транспарентни со широки краеви. Долниот дел е изработен од сатенска ткаенина, со долго здолниште кое формира сирена-силуета, нагласувајќи ја елеганцијата и женственоста на дизајнот.“- објаснуваат од тимот на ЕЛЕНА ЛУКА.

Специјално за разговорот со екипата на Fashionel,  Кутузова облече уште една креација на ЕЛЕНА ЛУКА, спектакуларна и луксузна, изработена од богата брокатна чипка со цветен дизајн во црвени и златни тонови. Дизајнот на оваа креација беше дополнет со впечатлива црвена машна на задниот дел, која се продолжува во долга сатенска пелерина, додавајќи драматичност и уникатност на целокупниот изглед.

Кутузова ги сподели своите силни импресии од својот прв концерт во Македонија и восхит од креациите кои вечерта таа ги носеше.

„За мене ова беше еден прекрасен концерт, публиката беше многу топла, пијаното на кое настапив беше одлично. Ова е прв пат да бидам во Македонија и не сакам да си одам дома. Денеска беше прв пат како настапувам во фустан на македонски дизајнер и навистина сум среќна. Фустаните освен што беа прекрасни беа и удобни, како артист кога настапувате многу е важно тоа што го носите освен што изгледа убаво да биде и удобно. Вчера имавме одличен ден, бидејќи имавме фитинг во ЕЛЕНА ЛУКА, и не можев да изберам фустани бидејќи сите беа прекрасни. Кога требаше да изберам не знаев како тоа да го направам, сакав да ги носам сите, мислам дека треба повторно да се вратам во Македонија за да настапам повторно во овие прекрасни фустани.“- истакна Кутузова.

Во елегантни креации на ЕЛЕНА ЛУКА на концертот на Кутузова се појавија и претставничките  на европската асоцијација за интеракција во областа на културата, образованието и спортот, „Окса проектс“. Претседателката на асоцијацијата Оксана Бого, објасни како дошле до идеја за организација на овој концерт и ја истакна благодарноста кон ЕЛЕНА ЛУКА за поддршка на овој настан.

„Талентот на Варвара го забележавме уште поодамна и сакавме да ја поканиме да дојде во Македонија. Поради некои ситуации таа процедура се одложи и среќни сме што после 4 години успеавме да го организираме овој концерт. Видовме емоција кај публиката вечерва, како и кај Варвара, премногу сме среќни што ја донесовме тука конечно. Исто така со Варвара организиравме и работилница со учениците од Средното музичко училиште, навистина беше прекрасно, учениците за брзо научија нешто ново и беа многу возбудени, планираме да продолжиме со ваквите проекти.“- посочи Оксана Бого- претседател на „Окса проектс“.

На настапот на Кутузова присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор, културните институции и бизнис фелата во земјава. Пред почетокот на концертот во холот на Македонска филхармонија беше отворена и изложба на познатиот фотограф Евгениј Евтухов со наслов „Опкружен од музиката и ѕвездите“, која беше претставена во рамките на проектот „Уметноста го обединува светот“, како паралелен настан на минатогодишното издание на Уметничкото биенале во Венеција.

Бојана Стевческа

Повеќе фотографии се достапни тука:

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian