Кампирањето е прекрасна опција за летен одмор која ни нуди совршен спој со природата и одмор каков што ниту еден хотел не може да понуди или замени. Но не секој преферира ваков тип на бегство од реалноста заради редуцираните можности за хигиена, готвење, спиење, така што овој начин на релаксација не е за секого.
Постојат луѓе кои не можат да ја заменат удобноста на креветот со спиење на мини душеци или во вреќи за спиење, или пак, интимноста на сопствен тоалет со оние во камповите и природата воопшто, како и комфорот на имање сопствена кујна – со мали реквизити за подготвување храна во камп.
Доколку сте од оние, пак, што се љубители на кампирањето, за денес ви нудиме доза фото – инспирација за вашата следна авантура. Без разлика дали одите во организиран камп или во своја режија на некое место во природа, понесете си само позитивна енергија и опуштете се.
Кампирањето е погодно за секоја доба од годината, но во лето е најлесно за прилагодување со оглед на топлото време. Наместо класичниот одмор во апартман или хотел, охрабрете се и ноќевајте во шатор и заспивајте и будете се со звуците на природата. Ѕвезденото небо ќе биде вашата прекривка, а изгрејсонцето вашата награда за изборот што сте го направиле. Изберете дестинација на планина, на море или покрај езеро или река и препуштете се на авантурата што ваквото патување ќе ви ја овозможи. И не плашете се, не е потребно којзнае колку опрема, почнете со основните и неопходни работи, па со текот на времето ќе си купувате ситници.
Се надеваме дека ќе се заљубите во ваквиот тип на одмор и дека почесто ќе практикувате спој со природата, каде и храната има поубав вкус под закрилата на слободата.