По повод 30- годишнината од светски признатиот класик „Пред дождот“ во понеделникот во преполната сала на Македонската филхармонија се одржа златна гала премиера на реставрирана копија на култниот филм.
Ова дело кое е културно наследство што режисерот Милчо Манчевски ѝ го подарува на Македонија предизвика лавина емоции и овации кај публиката.
На премиерата имаше и странските гости од екипата кои дојдоа од Лондон, Париз и Хрватска – актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, директорот на фотографија Мануел Теран, монтажерот Николас Гастер – и дел од македонската екипа Петар Мирчевски, Силвија Стојановска, Сузана Киранџиска, Катерина Коцевска и Златко Ориѓански.
„Луѓе ме прашуваат зошто во моите филмови нема повеќе среќни завршетоци. Денес, 30 години после успехот на „Пред дождот“, мене ми е забрането да снимам во Македонија. Уживајте во претставата.“, рече Манчевски на прес-конференцијата пред премиерата.
Раде Шербеџија раскажа како се сретнале со Милчо, кој по неколку години го нашол во Лондон во 1992. Му го дал сценарио за „Пред дождот“ во едно кафуле на Сохо. Раде истата ноќ по прочитал двапати и следниот ден, кога пак се сретнале, Милчо го прашал како му се чини.
“Му реков, одлично е! Милчо ми рече дека ликот на Александар го пишувал за мене. Го прашав како, кога не ме ни знаеше, а тој ми рече, пa ти си играл во 5 филмови на мојот омилен режисер Живојин Павловиќ, те знам”, изјави Шербеџија.
Потоа раскажа и случка од прес-конференцијата за премиерата на Пред дождот, кога една новинарка го прашала Милчо зошто филмот има три дела, а не е една целина.
„А Милчо, по една подолга драмска пауза, само рече –„Затоа““, додаде Раде.
Актерката Силвија Стојановска истакна дека чувствува огромна благодарност што имала среќа да биде дел од една безвремена приказна во „Пред дождот“: „Денес по 30 години, филмот се уште претставува инспирација за нови генерации филмски уметници. „Пред дождот“ е филмско и културно наследство што Милчо ѝ го остава на Македонија“, вели Стојановска.
Пред точно 30 години „Пред дождот“ триумфираше во Венеција, освојувајќи го Златниот лав за најдобар филм и уште 9 други награди на Фестивалот. Директорот на фестивалот, Џило Понтекорво, на церемонијата извика: „Баста, сињор Милчо!“
Но беше далеку од доста – во следната година и пол „Пред дождот“, првиот македонски филм кој победил на најпрестижниот светски фестивал, освои уште 30-ина фестивалски награди низ светот, доби киноприкажување во 60-ина земји.
„Њујорк тајмс“ потоа го вброи „Пред дождот“ меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња, Венеција именува една споредна награда на Фестивалот по мотото на филмот „Кругот не е тркалезен“.
„Пред дождот“ натаму продолжи да живее исклучителен живот во светот – беше предмет на научни конференции и десетици научни трудови, стана дел од наставната програма на стотици универзитети во светот, а во Италија е и дел од средношколската лектира.
Фото: ВИДИ ВАКА