Современиот балет „ПЕПЕЛАШКА“ од Сергеј Прокофјев на 27 септември во Националната опера и балет

Современата балетска бајка за сите возрасти „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев, ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 септември со почеток во 20:00 часот.

Приказната за „Пепелашка“ преточена во прекрасната музика на големиот руски композитор Сергеј Прокофјев е во кореографија на гостинот од Србија, Александар Илиќ. Костимографијата е на Катерина Радошевиќ Галиќ (Хрватска), а сценограф е Филип Коруновски. Дизајн на звук: Георг Драушник (Хрватска), дизајн на светло: Милчо Александров, асистент-кореограф: Саша Евтимова и Мојца Мајцен (Словенија), репетитори: Саша Евтимова, Дафина Данилоска-Кочевска, асистент-костимограф е Ангела Богеска.

Приказната за „Пепелашка“ на нашата сцена ќе ја пренесат: Наташа Трендафилова Гицев (Христина Наќевска), Игор Веланоски, Саша Евтимова, Ангела Богатинова, Ендру Кук (Англија), Кристијан Јангос, Драган Кочоски, Гала Кочевска, солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

Александар Илиќ, кореографот на балетот „Пепелашка“ вели дека оваа поставка на „Пепелашка“ не е класична верзија, туку е создадена во еден посовремен контекст. „Нашата ‘Пепелашка’ ја сместивме во една потполно поинаква временска рамка, во 70-тите години на минатиот век. Поточно, во време на популарноста на филмот ‘Брилијантин’, со најпознатата улога на Џон Траволта, и со самото тоа се поигравме со нашата ‘Пепелашка’ во тоа време“.

 

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian