„Земја на штркови“ со костимографија на ЕЛЕНА ЛУКА утре во МКЦ

Утре во МКЦ со почеток во 20:00 часот ќе се одржи претставата „Земја на штркови“ во која костимите се креација и поддршка од ЕЛЕНА ЛУКА. Режисерот и сценограф на претставата Роберт Ристов, за Fashionel зборува за тоа колку за нив е значајна инвестицијата на општествено одговорните компании во културата и уметноста.

„ЕЛЕНА ЛУКА е големина од жена и една од ретките кои ја поддржува културата и уметноста во Македонија. Претставата е работена без буџет, сѐ со цел да се обидеме ние да го искажеме незадоволството од оваа „бела чума“, односно од иселувањето на Македонците. Сакам да го истакнам и високото ниво на професионалност, истенченото чувство за естетика при изработка на костимите и отвореноста за заедничко надградување на целиот концепт во однос на визуелниот впечаток кои костумите ги рефлектираат на сцена.“- истакна Ристов.

Претставата „Земја на штркови“ која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината е во изведба на „Театар Провокација“ и се реализира по повод 6 години од оформувањето на театарот.

Дејствието на претставата се одвива во Охрид и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија. Едниот – разделен пред 20-тина години, а другиот – го живее моментот на разидување од истите причини.

„Сакавме оваа претстава да биде реакција на состојбите во Македонија. Една од најважните мисии на театарската уметност е да проговори за најголемите општествени проблеми. Сите ние заеднички го живееме проблемот со големиот бран иселување и повеќето од нас сакале или не сме лично засегнати од ова енормно иселување. Она што го изнесуваме преку претставата е многу емотивно и искрено, публиката го препознава тоа и реагира со голема емпатија.“- вели Ристов.

Претставата „ Земја на штркови“ е работена по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, а во неа играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.

Бојана Стевческа

 

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian