10 години FASHIONEL!

Од денеска заокружуваме еден целосен циклус, една декада и прв двоцифрен роденден.

10 години FASHIONEL!

Ако постои чувство на втор дом и второ семејство, за нас ОВА Е ТОА. И низ годините тоа чувство само се засилуваше, созреваше, растеше и попатно нè потсетуваше дека имаме наше место, место на кое му припаѓаме. Место кое нè спојува и кое од единките прави колектив и каде секојдневно одново се запознаваме и спознавме дека можеме уште повеќе.

10 години свесно ги афирмираме вистинските вредности.

10 години културата и уметноста во сите нејзини форми, имат своја платформа и своја насловна страна, наместо неправедно истуркани на маргините на „последните страници” да молат за своето заслужено место.

10 години неуморни во ентузијазмот и во вербата дека медиумот навистина има моќ да ги менува нештата давајќи им го вистинскиот правец и покрај сите обесхрабрувачки околности.

 

10 години препознавње таленти, животни приказни вредни да бидат раскажани и слушнати.

10 години кои илустрираат како слободната и креативна мисла е виножитото кое му е потребно на ова „политички” опседнато општество, за да ги препознае боите, сликите, нијансите под сервираното сивило.

10 години солидарност, емпатија, човечност и сè она што не прави луѓе.

10 години модна едукација.

 

10 години надградување на новинарските принципи и начела.

10 години вмрежувања, поставување релации и мостови, спријателување, другарство.

10 години пробивање „ѕидови” и сплотување светови.

 

10 години Fashionel е нашата средба со најдобрата верзија на секој од нас, со невозможното кое станува возможно, со нашите херои преку разговорите пренесени во интервју, со скриените таленти во кои сме препознале вонземска светлина и сме му ја покажале на светот… Да ставите на „насловна” некој чие име се уште не го знае никој, а интуицијата ви вели дека е само прашање на време кога ќе го знаат сите… Тоа е благословот на нашата работа.

10 години свои меѓу сите!

3.650 дена FASHIONEL

Ви благодариме на сите кои сте наши прекрасни сопатници на ова возбудливо патување, на сите кои на било каков начин оставиле свој индивидуален печат низ нашите содржини, на сите кои нè инспирирале со своите идеи и поттикнале со своите успеси, на сите кои денот го започнуваат пролистувајќи ги нашите страници, на сите колеги со кои сме растеле и растеме заедно и едно најпосебно БЛАГОДАРИМЕ до дамата без чија визија, FASHIONEL немаше да се роди и уште помалку ќе допатуваше до почетокот на својата прва декада, Елена Пандева нашата најголема поддршка од ден еден.
На здравје за сите 10-ки што следуваат!

 

No Comments Yet

Leave a Reply

Your email address will not be published.