Македонска архитектурата како ткаенина: Објектите што ги инспирираат домашните дизајнери

Кога еден дизајнер или модна куќа ја избираат архитектурата како извор на инспирација, тие не позајмуваат форма – тие преземаат одговорност. Архитектонските објекти во Македонија, особено оние создадени во клучни историски моменти, не се само бетон, челик и простор. Тие се сведоштва за визија, преживување и амбиција. Да се вградат во модна креација значи да се допре до колективната меморија на една земја и да се преведе нејзината тишина во визуелен јазик што зборува глобално.

За креативецот, ваквиот пристап е истовремено и привилегија и предизвик. Македонската архитектура носи слоеви на значење – од модернистички експерименти и постземјотресна храброст, до локален контекст и социјална функција. Да се интерпретира тоа во мода значи да се најде рамнотежа меѓу почитта кон оригиналот и слободата на авторската визија. Процесот е сложен, често ризичен, но токму таму се раѓаат најавтентичните идеи.

За Македонија, оваа врска меѓу архитектурата и модата претставува редок, но моќен културен момент. Таа ја позиционира земјата не како периферија, туку како извор на инспирација – место каде просторот, историјата и дизајнот се испреплетуваат во современ израз. Преку ваквите креации, архитектонските објекти добиваат нов живот, а локалниот идентитет се артикулира на јазик што е разбирлив надвор од границите.

Пораката што се пренесува е јасна: добриот дизајн не почнува од тренд, туку од контекст. Одлуката да се работи со македонската архитектура е визија што инсистира на длабочина, интегритет и културна свест. Тоа е став дека модата може да биде повеќе од естетика – таа може да биде простор за дијалог, помеѓу минатото и иднината, локалното и глобалното, формата и значењето.

Токму затоа, FASHIONEL направи една тема околу ова прашање- спој на наша архитектура и наша мода. Поразговаравме со неколку македонски познати дизајнерски имиња и нивните одговори навистина се инспиративни:

Елена Лука- модна куќа „ELENA LUKA“

За сопственичката и генерален менаџер на „ELENA LUKA“ групацијата, отсекогаш модата и архитектурата биле во фокусот. Покрај глобалниот моден бренд кој е распознатлив по врвната изработка, визија и диктирање на трендовите, таа со години се занимава и со градежништво. Нејзината компанија „ELENA LUKA HOME“ изведува архитектонски објекти кои се едни од најрепрезентативните.

„Кога ме прашуваат кои архитектонски објекти во Македонија ми биле најголем предизвик и инспирација за една модна колекција, мојот одговор речиси секогаш се враќа кон бруталистичката архитектура на Скопје. Не затоа што таа е лесна за интерпретација, туку токму поради спротивното – затоа што е сложена, сурова, искрена и длабоко емотивна.

Објектите изградени во периодот по земјотресот од 1963 година не ги доживувам само како архитектонски дела, туку како материјализирана меморија на градот. Во нивниот бетон нема декоративност, но има храброст. Има визија. Тие структури зборуваат за момент кога Скопје морало повторно да се измисли себеси – не преку носталгија, туку преку радикален поглед кон иднината.

Брутализмот, како правец, често е погрешно сфатен поради своето име. Тој не е брутален по карактер, туку искрен по материјал. Потекнува од францускиот израз béton brut – суров бетон – и токму таа суровост ме инспирира во моден контекст. Неполираните површини, масивните волумени, јасните линии и функционалноста без извинување создаваат естетика што лесно може да се преведе во крој, текстура и силуета.

Во Скопје, брутализмот не е апстрактна теорија – тој е секојдневие. Тој се чита во објектите што ги користиме, низ кои минуваме, покрај кои живееме. Покрај останатите, пример за тоа е Македонската пошта. Монументална! Архитектонските решенија на овој период, создадени во духот на меѓународна солидарност и модернистичка мисла, носат силен социјален набој.

Токму таа идеја ме фасцинира: формата што произлегува од функцијата, тежината што станува естетика, ограничувањето што создава креативност. Масивните бетонски блокови ме инспирираат да работам со конструктивни силуети, остри линии, структурирани форми и материјали што не се „питоми“, туку карактерни.

Скопје, во овој контекст, е град што не се плаши од сопствената сложеност. Неговата бруталистичка архитектура не нуди лесна убавина, туку длабочина. Таа бара време, внимание и разбирање – исто како и модата што не следи трендови, туку раскажува приказна.

Затоа, ако треба да издвојам архитектонска инспирација што навистина ме предизвикувала, тоа се токму тие објекти: симболи на обновување, отпорност и визија, вградени во бетон, но живи во идеја. Тие ме потсетуваат дека и во модата, како и во архитектурата, најсилните дела не се оние што се допаѓаат на сите, туку оние што оставаат трага“.

Никола Ефтимов

Професорот и моден дизајнер одбра друга архитетонска знаменитост која исто така е фасцинатна за обработка и креативна визија. Објект во кој се спојуваат знаење и уметност, култура и возвишеност.

„Зградата на МАНУ секогаш ме фасцинирала со својата мирна, речиси монашки достоинствена архитектура.

Во неа има нешто строго, но и возвишено; бетон и тишина што зборуваат за време кога знаењето и уметноста се градеа со верба. Секојпат кога поминувам покрај неа, чувствувам почит кон идејата дека културата може да има своја форма, своја тежина, своја сенка.

МАНУ не е само зграда,  таа е споменик на мислата. Важи за бисер на модерната архитектура во поширокиот регион на Балканот, а нејзиниот архитект, професорот Борис Чипан, ја добил првата награда на југословенскиот конкурс, по што зградата била завршена во 1976 година“.

Ивана Кнез

Сосема друг објект е во фокусот на оваа наша дизајнерка. Таа не прави компромис и децидна е во својот одговор. Избра архитектонска структура која му пркоси на времето, а истовремено има огромно значење за архитектурата во земјава.

„Скопскиот Аквадукт, најмногу бидејќи стана јавна депонија наместо туристичка знаменитост како што заслужува да биде, благодарејќи на заостанатата алчна политика која се води изминативе 30 години во Македонија.

Извор на неисцрпна инспирација, точно знам што би направила и како би го претставила, сакам да се врати сјајот на нашата земја која датира многу поназад од турско доба“.