Реномираната ТВ водителка, дама со стил и инспирација за многумина, Ирена Спировска во ексклузивно интервју за Fashionel.
Со неа разговаравме за тоа како изгледа успехот низ нејзините очи, што значи да останеш доследен на себеси и зошто природниот изглед за неа е секогаш вистинскиот избор. Посебно внимание посветивме на нејзиниот моден избор и откривме како функционира нејзината 20 годишна соработка со етаблираниот моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА.
Прочитајте каква моќна порака има да испрати по повод 8 март, дамата која во секојдневното работење постојано ги промовира автентичноста и женската сила.
Веќе неколку децении сте едно од најпрепознатливите ТВ лица во Македонија, кое зрачи со грациозност и позитивна енергија. Кој е вашиот рецепт за успех кој ви овозможува постојано да биде актуелни и интересни за публиката?
-Најпрвин Ви благодарам за комплиментот. Верувам дека рецепт за успех е пред сѐ да го сакаме она што го работиме, да бидеме посветени на работата и да имаме професионален пристап и однос кон струката што сме ја одбрале.
Работевте на различни емисии, од музички и забавни, до утрински и семејни. Во кој формат најмногу се пронаоѓате и зошто?
-Би рекла дека секоја емисија, проект, настан, телевизиски ангажман имаат своја убавина и се посебен предизвик за себе, па од тука ќе заклучам дека јас всушност се пронаоѓам во самата професија, а не во конкретен формат.
Долги години сте дел од телевизијата Алфа. Што ви е најголемата професионална сатисфакција во работата таму?
-Предизвиците постојано присутни низ годините…
Кога би требале да посочите еден ваш проект со кој најмногу се гордеете што сте го реализирале, што би било тоа и зошто?
-Низ годините имав можност да учествувам во многу проекти, голем број на емисии, музички фестивали и најразлични настани, но дефинитивно за мене најдраг и најзначаен проект е музичката емисија ЕДЕН БАКНЕЖ која беше посветена на македонските забавни евергрини. Емисијата ја водев заедно со актерот Игор Ангелов што за мене беше едно поинакво искуство затоа што најавите на песните всушност беа своевидни актерски дијалози, а целиот формат на емисијата и нејзината продукција сметам дека дадоа огромен придонес за враќање на сцената на неправедно заборавените евергрин мелодии од шеесеттите, седумдесеттите, осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век. Музичките аранжмани за емисијата ги правеше Благој Маротов, а на старите песни нов сјај во ова музичко шоу им дадоа Наде Талевска, Андријана Јаневска, Сања Левкова, Елена Петреска, Горан Наумовски, Јоце Панов, Ѓорѓи Крстевски. Секако од огромно значење беа и сите оние кои беа зад камерите, режијата и редакцијата што ја подготвуваше емисијата.
Вие исто така сте водител и на бројни фестивали низ целата наша земја. Како изгледа подготовката за вакви настани, и што најмногу ви се допаѓа во тој формат на водителски ангажман?
-За мене музичките фестивали претставуваат посебно убав и инспиративен формат за работа од повеќе причини, пред сѐ заради свеченоста на ваквите музички настани и можноста да се биде на голема сцена, да се говори пред публика која е присутна тука во салата… Фестивалската сцена е место каде што е задолжителен свечен и гламурозен изглед на водителите, па меѓу другото токму поради тоа и ми се омилени за работа. Покрај подготовката на текстот и сценариото, потребна е и сериозна подготовка за сценскиот настап и изглед, што го прави возбудлив сиот овој процес на работа почнувајќи од самите подготовки и кулминирајќи со настапот во живо на фестивалската сцена и директниот телевизиски пренос на настанот. Секој фестивал е посебно доживување и искуство…Фолк фест Валандово, Охрид фест-Охридски трубадури, Фолк фест Роса, Лешочки фолк фест, Фестивал на дувачки оркестри Пехчево, некогашните фестивал Цветници, Тетовскиот фестивал, Фолк хит на годината итн…
Познати сте по вашиот беспрекорен стил. Како започна вашата соработка со модниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА?
-Со модниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА соработувам веќе 20 години и многу се радувам на оваа соработка која започна најпрво на неколку модни ревии на кои имав привилегија и задоволство да носам модели од ЕЛЕНА ЛУКА, а подоцна соработката продолжи и за ТВ проекти и фестивалите. ЕЛЕНА ЛУКА секогаш беше предвесник на високата мода, гламурот и елеганцијата на домашната модна сцена, а низ годините прерасна и се етаблираше во водечки регионален моден бренд. За мене како ТВ лице оваа соработка е од исклучително значење затоа што ЕЛЕНА ЛУКА секогаш умее на најдобар начин да одговори на потребите и естетските критериуми на различните проекти. Настрана од тоа, сакам да изразам особена почит кон Елена Пандева како личност пред сѐ поради нејзината човечност и хуманост која многу пати досега сум имала можност да ја видам низ процесот на нашата соработка и комуникација. Во повеќе пригоди сум била сведок на нејзината несебична и безрезервна поддршка на проекти од хуманитарен карактер, а меѓу најсвежите примери е поддршката која што таа им ја даде на танчерите од танцовото студио ЕУРЕКА по повод нивното учество на Специјалната Олимпијада во танци која се одржува овој месец во Торино, пригода за која ЕЛЕНА ЛУКА направи специјални креации во кои нашите претставници ќе настапат на овој значаен настан претставувајќи ја Македонија.
Што најмногу ве привлекува во креациите на ЕЛЕНА ЛУКА и како се чувствувате носејќи ги?
-Креациите на ЕЛЕНА ЛУКА пленат со префинетоста на материјалите, изработката, дизајнот и совршено ја нагласуваат женската фигура. Секогаш кога носам креација со потписот на ЕЛЕНА ЛУКА се чувствувам женствено, сигурно и привлечно. Елеганцијата и гламурозниот изглед на моделите од брендот ЕЛЕНА ЛУКА создаваат чувство на посебност.
Колку модата и сценскиот изглед влијаат врз креирање на впечаток за еден водител?
-Јасно е дека за впечатокот кој што кај гледачите го оставаат ТВ водителите и презентерите освен убавиот говор, елоквентноста и дикцијата многу е важно да се запази и одредена естетика, но и култура на однесување и облекување. Треба да постои рамнотежа помеѓу сите овие нешта за впечатокот да биде целосен. Во таа насока секако дека е многу важен и изборот на гардероба за сценските настапи, но и начинот на кој што истата ја носиме.
Дали имате омилена креација од ЕЛЕНА ЛУКА што сте ја носеле за некоја посебна пригода?
-Секоја креација на ЕЛЕНА ЛУКА е приказна за себе, навистина е тешко е да се издвои омилен модел затоа што сум вљубена буквално во секоја креација која сум ја носела од овој наш моден бренд.
Како го доживувате 8 Март – како ден за славење, потсетник за состојбата на женските права во општеството во кое живееме или пак нешто трето?
-Празникот го доживувам како еден потсетник дека на жените секојдневно треба да им се укажува внимание и почит. Треба да бидеме свесни за значењето и улогата кои жените ги имаат во општеството, домот, семејството и поширокото опкружување… Секоја жена е посебна и уникатна на свој начин, секоја жена заслужува да биде почитувана и сакана, и единствено ако ги респектираме овие вредности кај жените ќе можеме да го унапредиме општеството и третманот кон женскиот род.
Што значи за вас да бидете успешна и влијателна жена во македонските медиуми?
-Успехот никогаш не сум го доживувала како императив, ниту сум се оптоварувала со него. За мене е најважно да останам доследна на себеси и своите верувања, да го давам најдоброто од себе и да уживам во она што го правам. Во однос на влијанието кое го имаме како медиумски личности ме радува тоа што можам на младите генерации да им дадам пример за природно стареење, без ботокс, силикони и естетски корекции. Избалансираната исхрана, редовна физичка активност , правилна нега на телото и умот се она кон што треба да ги насочуваме помладите од нас…
Кои жени низ историјата или во вашето опкружување најмногу ве инспирирале?
-Инспирацијата секогаш сум ја наоѓала во реални ликови од непосредното опкружување, жени кои се активни, храбри, креативни и кои несебично умеат да ги споделуваат своите вештини со другите. Женската енергија може да биде многу моќна особено ако жените се помагаат и поддржуваат меѓусебно.
Како се менува улогата на жените во медиумите денес, според вас?
-Би рекла дека жените секогаш го имале приматот во медиумите, најверојатно поради женската убавина која ја поседуваат. Во денешно време освен во медиумскиот етер се почесто жените се застапени и на разни раководни функции во медиумската сфера, што е потврда за менаџерските и лидерските квалитети на жените. Сметам дека жените сѐ повеќе стануваат свесни за улогата што ја имаат, за потенцијалите кои ги поседуваат и дека можат многу да придонесат во секоја сфера од општественото живеење.
Што би им советувале на младите девојки кои сакаат да градат кариера како ТВ новинар или водител?
-Да бидат свои, автентични, природни и спонтани. Да бидат вредни и упорни, резултатите ќе си дојдат сами по себе…
Каква порака би им испратиле на сите жени кои се борат да балансираат помеѓу семејството и кариерата и кои чувствуваат дека сѐ уште не се рамноправен дел од општеството во кое живееме?
-Секоја жена во текот на својот живот се соочува со многубројни предизвици од најразличен тип. Иако сме понежен пол сметам дека ние жените сме исклучително силни и истрајни, умееме да се носиме со животните предизвици, имаме моќ да ја скриеме тагата позади насмевката и знаеме да се бориме за тие што ги сакаме.
Жените треба да веруваат во себе си, во својата интуиција и секогаш да чекорат храбро кон остварување на своите соништа.
Бојана Стевческа