Филантропката и авторка Мекензи Скот соопшти дека во 2025 година донирала рекордни 7,1 милијарди долари на непрофитни организации – нејзин најголем годишен придонес досега.
Со ова, вкупната сума што ја има донирано од 2019 година се искачи на 26,3 милијарди долари, пренесе CNN. На својата веб-страница Скот истакна дека, иако бројките привлекуваат медиумско внимание, „тие претставуваат само мал дел од целата грижа и добрина споделена во заедниците оваа година“. За споредба, нејзините донации во 2024 година изнесуваа 2,6 милијарди долари, а во 2023 година 2,1 милијарда.
Според Forbes, нето-вредноста на Скот изнесува околу 33 милијарди долари, најмногу благодарение на акциите од Amazon што ги доби по разводот со основачот Џеф Безос во 2019 година. Се издвојува по својата неконвенционална филантропска стратегија: организациите не аплицираат за поддршка, туку добиваат ненадејно известување дека им е доделена значителна донација.
Пред официјалната објава, повеќе од десет историски црнечки колеџи и универзитети (HBCU) информираа дека годинава добиле вкупно 783 милиони долари. Професорката Мерибет Гасман од Универзитетот Ратгерс, која ги следи донациите за овие институции, изјави: „Мекензи Скот е како машина за еднаквост.“
Од 2020 година досега, Скот донирала околу 1,35 милијарди долари само на HBCU институциите. Дополнително, организацијата UNCF – најголемиот обезбедувач на стипендии за студенти од малцински заедници – доби 70 милиони долари, а 50 милиони долари доби фондот Native Forward Scholars, кој поддржува студенти од домородните заедници во САД.
Уникатно кај нејзините донации е тоа што Скот не бара извештаи или детално оправдување за трошењето на средствата. Истражување од 2023 година покажало дека организациите ефикасно ги користат овие ресурси и ја применуваат флексибилноста за проширување на своите програми.
Еден од највпечатливите примери е непрофитната организација 10,000 Degrees од Калифорнија, која ненадејно добила 42 милиони долари – двојно повеќе од нивниот годишен буџет. Извршната директорка Ким Мазука изјави дека била „преплавена од радост“ и дека средствата ќе им овозможат да поддржат уште повеќе студенти со ниски примања и да воспостават сопствен фонд.
Мазука ја пофали Скот за нејзиниот „искрен и насочен“ пристап кон докажани решенија, додавајќи дека Скот ги гледа донациите како начин да им покаже на луѓето дека самите се двигатели на промените.
Ова гледиште е инспирирано од пророштво на племето Хопи, кое Скот го искористи како наслов на еден од своите есеи објавени во октомври.
Во рамките на пошироката стратегија за „инвестирање со мисија“, Скот неодамна вложи и во компанија основана од нејзината поранешна цимерка, која обезбедува студентски кредити. Таа нагласува дека сака да поддржува иницијативи што создаваат општествена вредност, а не само финансиски поврат.
Во својот есеј го завршува со порака: „Постојат многу начини да влијаеме на тоа како се движиме низ светот и каде ќе слетаме.“