Наградата за најдобар превод на македонски јазик “Драги” беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” во Скопје, каде што беше професор.
Оваа година, до крајниот рок за доставување на номинациите (1 јули 2024), во редакцијата на организаторот пристигнаа рекордни 43 дела во превод на македонски јазик, како во печатен така и во електронски формат. Во конкуренција за наградата се 40 преведувачи, што е повеќе од минатата година. Книгите се објавени од 18 издавачки куќи или поединци, а преводите се направени од 18 различни јазици. Опфатени се четириесет странски автори од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, драми. Сето тоа сведочи за разгранета и опсежна преведувачка продукција, но и за многу силна конкуренција.
Тричлената комисија за доделувањето на наградата за најдобар превод на македонски јазик “Драги” годинава ќе ја сочинуваат д-р Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник од семејството на Драги Михајловски), д-р Зорица Николовска (редовен професорор на Катедрата за германски јазик и книжевност и преведувач; претставник предложен од Филолошкиот факултет „Блаже Конески”) и Владимир Јанковски (писател и преведувач, претставник предложен од издавачката куќа „Антолог”).
Годинашното издание на наградата “Драги” е реализирана од страна на издавачката куќа “Антолог” со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет “Блаже Конески” – Скопје.