Една македонска жена, еден настап, вечна слава: Четврта на светот, прва во историјата

Денес е повлечена, до неодамна ја имаше лиценцата за изборот за Мис на светот и преку неа испрати многу наши крунисани мисици на светскиот избор.

Но многу пред да стане чувар на националната убавина, Лидија Велковска и самата беше симбол на елеганција, харизма и врвна женственост. Во младоста, таа испиша една од најзначајните страници во историјата на македонските настапи на светските избори за убавина.

Во 1975 година, Лидија Велковска се пријави како македонска претставничка на изборот за Мис Југославија, каде што триумфира и ја освои титулата. Со тоа, таа стана официјална претставничка на тогашна Југославија на престижниот избор за Мис на светот, кој се одржа во Лондон – центарот на светската мода и гламур.

На светската сцена, меѓу десетици убавици од целиот свет, Велковска оствари исклучителен успех, освојувајќи го четвртото место, пласман што и денес останува еден од највисоките резултати што некогаш ги постигнала македонска претставничка на ваков глобален избор. Со својата природна убавина, достоинствен настап и силна појава, таа остави длабок впечаток кај жирито и светската јавност.

По овој успех, следеше завидна манекенска кариера. Лидија Велковска беше едно од најпрепознатливите лица на југословенската модна сцена, редовно присутна на насловните страници на најреномираните списанија од тоа време. Нејзиниот стил, грациозност и фотогеничност ја вброија меѓу најбараните манекенки на својата генерација.

И денес, децении подоцна, Лидија Велковска и понатаму важи за жена со исклучителна убавина и присуство, доказ дека вистинската елеганција не познава време. Нејзината животна приказна претставува мост меѓу минатото и сегашноста на македонската убавина – од девојка која го освои светот, до жена која им ја отвораше вратата на новите генерации.

Со оглед на нејзиниот историски успех, влијание и трајна харизма, Лидија Велковска со право може да се нарече најубавата Македонка на сите времиња, но и една од најзначајните амбасадорки на македонската убавина на светската сцена.

Н.Т