Меѓу 10- те најнеобични градби на планетата: Македонија има скапоцен камен

Во живописното планинско гратче Крушево, на 1.320 метри надморска височина, доминира еден од најнеобичните и најзначајните меморијални комплекси во Европа и светот — споменикот „Илинден“, познат и како „Македониум“. Овој објект не е само архитектонска атракција, туку и силен национален симбол кој го обединува историското минато со модерниот чувствителен израз на слободата и отпорот.

 „Македониум“ е подигнат на 2 август 1974 година, по повод 71-ва годишнина од Илинденското востание (1903) и 30-та годишнина од Вториот собир на АСНОМ (1944) — моменти кои имаат клучно значење за македонската историја и национална свест.

Првиот дел на Илинденското востание претставува еден од најхрабрите обиди на македонскиот народ за ослободување од Отоманската империја, а во Крушево дури и била прогласена Крушевската Република, која, за жал, опстојала само 10 дена.  Овој настан и денес се одбележува како датум на отпорот и стремежот кон самостојност.

Архитектура и концепција

Автори на проектот се македонскиот скулптор Јордан Грабулоски и архитектката Искра Грабулоска, кои заедно создале едно од највизионерските дела на југословенската споменичка архитектура од 20-тиот век.

Главниот објект има абстрактна, модернистичка форма и наликува на средновековно оружје, срцеви вентили или „сместен космички апарат“ според описи на некои меѓународни туристички медиуми.

Ваквата форма е спротивставена на класичните фигуративни споменици со војници со знамиња — наместо тоа, „Македониум“ се обидува да ја пренесе идејата за духот на отпорот и животот преку абстрактни и емоционални архитектонски елементи.

Целиот комплекс зафаќа околу 12 хектари простор, со патека низ серија скулптури „Скршени окови“ (симбол на ослободувањето), крипта со именувани борци, амфитеатар со мозаични украси, и внатрешен простор каде што илјадници посетители може да почувствуваат светлина и звук што го нагласуваат интерактивниот карактер на споменичката архитектура.

Во централниот дел, под домот, се наоѓа гробот на Никола Карев, претседател на Крушевска Република, што дополнително ја нагласува историската длабочина на местото.

Што велат светските архитекти и медиуми

На меѓународната архитектонска сцена „Македониум“ се смета за едно од најнеобичните дела на модернистичка споменичка архитектура во поранешна Југославија.  ArchDaily, еден од највлијателните онлајн портали за архитектура, го опишува „Македониум“ како „uncanny space-age monument“ — другиот небесен меморијален комплекс што ги изразува идеалите на слободата и државноста преку форма и симболика. Архитектите Грабулоски и Грабулоска според ArchDaily го претставиле овој споменик како македонски симбол на државност и модернистичко изразување на слобода.

 Неколку меѓународни медиуми, вклучително Австралискиот магазин Architecture & Design, „Македониум“ го класифицирале меѓу 10-те најуникатни градби во светот, а американски Architectural Digest го вклучил на листата „Seven Astounding Brutalist Buildings You’ve Probably Never Seen Before“, истакнувајќи ја неговата необична, бруталистичка естетика што често останува недоволно видена или разбирана од пошироката публика.

Atlas Obscura го опишува како „space-age“- вселенски објект ансамбл и забележува дека ако некој не знае за што е споменикот, едвај би поврзал со историјата на востанието само од формата — што само ја нагласува смелата архитектонска идеја.

Значај и современ контекст

„Македониум“ не е само историски споменик — тој и денес е живо место на комеморации и културни настани, особено секој 2 август, кога илјадници Македонци доаѓаат да ја чествуваат Илинденската традиција. Иако по изградбата имало критики заради неговата абстрактна форма — дел го гледале како „космички објект“, со текот на годините тој стана неприкосновен симбол на македонската борба за слобода и самостојност.

Споменикот „Македониум или често именуван како Илинден“ е едно од најзначајните современи македонски архитектонски дела: Неговата историја е длабоко врзана со Илинденското востание и самобитноста на македонскиот народ. Архитектурата преку абстрактна форма и богат симболизам ја изразува тежината на слободата. Светските медиуми и архитектонски критичари го препознаваат како уникатен споменик што вреди да се разгледа во контекст на модерната меморијална архитектура.

Н.Т