
Ако некогаш би добил на лотарија, едно од првите нешта за кои би одвоил дел од добивката би било изградба на викенд-куќа некаде покрај река или во некој живописен предел. Самата помисла дека постои место каде што може да се повлечете кога градскиот живот станува премногу напорен, носи чувство на утеха.
Дизајн како овој, создаден за еден брачен пар во Србија од архитектот Александар Станковиќ од студиото MARSA е полн погодок.
Оваа пловечка кабина е поставена на стационарен понтон покрај реката Сава, во рамките на Сава бродоградилиштето, едно од најреномираните во регионот. Со димензии од осум на шест метри, оваа компактна, но внимателно осмислена структура го користи секој сантиметар од просторот. Објектот е со отворен концепт и е наменет за мирни попладниња, викенд-престои и интимни собири со семејството и пријателите. Сите елементи на дизајнот се создадени со цел да му понудат на семејството спокојно засолниште и бегство од секојдневниот ритам.
Дизајнот е инспириран од речното опкружување и старите бродоградилишта во околината, оддавајќи почит на поморското наследство на локацијата. Комбинацијата од дрво и метал создава богат текстурен контраст и дополнително го нагласува шармот на кабината. Длабоките зелени тонови ја одразуваат бојата на водата, додека црвените акценти потсетуваат на навигациските ознаки, создавајќи искрен и приземен естетски израз што природно се вклопува во пејзажот.
Архитектонскиот јазик на кабината ја нагласува нејзината уникатна пловечка природа. Стационарниот понтон обезбедува стабилна основа, додека во исто време го задржува нежниот контакт со движењето на водата. Пропорциите на објектот се внимателно пресметани за да се постигне рамнотежа меѓу удобноста и интимната скала соодветна за вакво речно прибежиште. Надворешноста се карактеризира со дисциплинирана палета на материјали и бои, што ѝ овозможува на кабината да изгледа истовремено современо и безвременско, без да се наметнува врз природната околина.
Внатрешноста нуди простори исполнети со природна светлина, каде што границата меѓу внатрешното и надворешното речиси исчезнува. Отворениот распоред ги елиминира непотребните прегради и создава флуиден простор во кој дневната зона непречено преминува од една активност во друга. Воедно, дизајнот ја нагласува речното опкружување преку внимателно врамени погледи кон Сава. Големите прозорци функционираат како живи слики, нудејќи различни перспективи на реката во текот на денот, од утринската магла до златните одблесоци во самракот. Просторот овозможува постојана поврзаност со природата, додека истовремено создава мирно засолниште што ве оддалечува од секојдневието, со чувство на леснотија и спокој, дење и ноќе.
Ентериерот го продолжува наутичкиот мотив преку скулптурални форми и посветеност на деталите. Темните елементи во мебелот ја стабилизираат просторијата, додека играта на текстури, мазни метални површини во контраст со топлото дрво создава визуелна динамика без да го оптоварува компактниот простор. Секој елемент има двојна улога, каде што убавината и функционалноста коегзистираат во совршена рамнотежа. Промислениот избор на материјали се протега на секоја површина, создавајќи кохезивна средина во која навистина може да се опуштите. Лесно е да се замислат попладниња поминати со добра книга, набљудувајќи ја реката, или долги разговори со пријатели околу маса, со чаша вино и домашно зготвена храна. А замислете како изгледа во зима кога ќе падне снег!
Овој проект претставува и своевидно враќање дома за Станковиќ, архитект и дизајнер роден во Србија, кој денес работи и живее во Лондон. Во реализацијата соработувал со локални српски инженери и изведувачи, истакнувајќи го значењето на локалното мајсторство и експертиза.
Кабината на реката Сава е проект што ја спојува функционалноста со поезијата — простор кој може да служи и како практично викенд-прибежиште за семејството и како тивко место за размислување, каде што природата и наследството се среќаваат во хармонија.
Н.Т