Кампањата на Муглер, снимана на Гренланд во 1987 година, која лично ја фотографирал Тиери Муглер, останува една од најрадикалните во историјата на модната фотографија — не поради егзотиката на локацијата, туку поради свесната одлука модата да се изложи на суровата сила на природата, без заштита и без дистанца.
Снимките се реализирани во областа на Заливот Диско, десетици километри од брегот, на плутачки санти мраз до кои екипата пристигнувала со брод, чекајќи часови, а понекогаш и денови, додека светлината не се постави токму онака како што Муглер ја замислил.


Мразот овде не е само позадина, туку рамноправен актер на сликата: студен, нестабилен и немилосрден.
Во овој судир на екстремен пејзаж и футуристичката естетика на Муглер се кристализира суштината на неговиот авторски поглед.

Силуетите се остри, речиси архитектонски, металик површините и прецизно конструираните линии ја рефлектираат светлината како да се продолжеток на самиот глечер.
Меѓу моделите посебно се издвојуваат Клод Хајдемајер и Ана Бајл. Бајл, една од клучните музи на Муглер во тој период, во ова опкружување не делува кршливо, туку монументално, како фигура која не припаѓа на природата, но истовремено не ѝ се покорува.
Фотографиите се снимани брзо, на кратки интервали, поради екстремната студенило и нестабилноста на подлогата, што на секој кадар му дава дополнителна напнатост и чувство на контролирана ризичност.
Резултатот не е само модна кампања, туку визуелен манифест — студен, прецизен и неверојатно актуелен.
Н.Т