Зошто евтината облека чудно мириса? што навистина носиме кога купуваме брза мода

 

Речиси секој што купил евтина облека, без разлика дали од онлајн платформи, локални бутици или големи трговски синџири, се соочил со истото искуство. Интензивен, хемиски и непријатен мирис кој се задржува на ткаенината веднаш по отворањето на пакувањето. Иако често се поистоветува со „кинеска облека“, вистината е покомплексна и далеку позагрижувачка.

Хемиски коктел зад „мирисот на ново“

Според Vogue Business, The Guardian и Business of Fashion, најчестата причина за овој мирис е употребата на индустриски хемикалии во процесот на производство, третман и транспорт на текстилот. Меѓу нив се формалдехид – се користи за да се спречи туткање и појава на мувла, азо-бои – евтини синтетички бои кои даваат интензивни нијанси, антифунгални и антибактериски премази – за долготрајно складирање, петрохемиски фиксатори – за задржување на бојата

Текстилната хемичарка д-р Сандра Роуз, цитирана во The Guardian, објаснува дека овие супстанции „не се наменети за директен контакт со кожа, туку за логистика и визуелна стабилност на производот“.

Брзата мода не чека да „испари“

Vogue посочува дека во традиционалното текстилно производство постоеле фази на проветрување и перење, кои денес се речиси целосно исфрлени поради потребата за брзина и ниска цена. Кај „fast fashion“ производството – кое во голем дел се одвива во Кина, облеката оди директно од фабрика во контејнер, а од таму во продавница.

„Тоа што порано траело недели, денес се случува за неколку дена“, наведува Business of Fashion, додавајќи дека токму поради тоа хемикалиите остануваат заробени во влакната.

Кина како центар – но не и единствен виновник

Важно е да се нагласи: проблемот не е исклучиво Кина, туку глобалниот модел на евтино производство. Сепак, како што наведува The New York Times, Кина е најголемиот светски извозник на текстил и облека, што ја прави највидлив пример.

Експертите за одржлива мода од Fashion Revolution истакнуваат дека „притисокот од западните брендови за екстремно ниски цени директно влијае врз квалитетот и безбедноста на материјалите“.

Дали мирисот е опасен?

Според дерматолози цитирани во Elle и Harper’s Bazaar, кај чувствителни лица овие хемикалии можат да предизвикаат иритации на кожа, алергиски реакции, главоболки, проблеми со дишењето.

Формалдехидот, на пример, е класифициран како потенцијално канцероген, а во некои европски земји неговата употреба во текстил е строго регулирана, но контролите кај увозната облека честопати се минимални.

Зошто мирисот исчезнува по перење?

Перењето помага затоа што дел од хемикалиите се водорастворливи. Но, како што предупредува Vogue, тоа не значи дека сите штетни супстанции целосно се отстрануваат, некои остануваат трајно врзани за синтетичките влакна.

Затоа експертите препорачуваат, облеката секогаш да се пере пред првото носење, по можност да се користи дополнително плакнење, да се избегнува директен контакт со кожа кај силно миризливи парчиња.

Мирисот како симбол на модната криза

Непријатниот мирис не е само хемиски проблем, туку симптом на подлабока криза во модната индустрија, културата на прекумерно производство, брза потрошувачка и минимална одговорност.

„Тоа е мирис на брзина, профит и компромис“, пишува The Guardian. „И потсетник дека зад секое евтино парче облека стои невидлива цена – за здравјето, животната средина и човечкото достоинство.“

И да! Чудниот мирис на облеката не е случајност, ниту мит. Тој е резултат на глобален систем кој ја става цената пред квалитетот, а брзината пред безбедноста. И додека купувачите најчесто го решаваат проблемот со едно перење, прашањето што останува е:
дали сме подготвени да платиме малку повеќе – за да носиме нешто што не мириса на компромис?

Небојша Толески