Еден фустан, еден корсет, една одмазда- и нова мода! Три икони, три силуети, една неповратна промена

Во модата постојат трендови што доаѓаат и си заминуваат и моменти што ја менуваат самата насока на историјата. Светските модни медиуми се согласуваат: вистинските пресврти не ги прават ревиите, туку жените кои носат став, време и храброст во еден единствен изглед. Во таа историја, три диви стојат како симболи на три различни епохи и три целосно нови начини на гледање на жената.

Одри Хепберн: малиот црн фустан како револуција

Кога Одри Хепберн се појави во „Појадок кај Тифани“ во 1961 година, облечена во црн Живанши фустан, таа не претстави само еден иконичен изглед, таа ја редефинираше елеганцијата. Дотогаш, црната боја беше резервирана за жалост или вечерна строгост. Одри ја претвори во симбол на слобода, интелигенција и суптилна женственост.

Vogue подоцна ќе напише дека токму во тој момент „жената престана да мора да биде раскошна за да биде забележана“. Малиот црб фустан стана униформа на модерната жена, урбана, независна и тивко моќна. Тоа не беше само стил, туку нов кодекс на женско присуство во јавноста.

Мадона: долната облека како оружје

Ако Одри ја донесе тишината, Мадона ја донесе експлозијата. Во 1990 година, на турнејата Blond Ambition, со корсетот на Жан Пол Готје и конусниот градник, таа направи нешто незамисливо, ја извади интимата на сцена и ја претвори во манифест.

Модните медиуми едногласно го означуваат тој момент како крај на старата идеја за женска пристојност. Harper’s Bazaar ќе напише дека Мадона „ја презеде контролата врз сексуалноста и ѝ го одзеде правото на толкување од машкиот поглед“. Од тој миг, долната облека престана да биде скриена и таа стана изјава за моќ, провокација и автономија.

Без тој корсет, денешната мода, од црвениот тепих до поп-културата би изгледала сосема поинаку.

Принцезата Дијана: од кралска обврска до личен стил

Третата дива не беше пејачка ниту актерка, туку принцеза што одби да биде само симбол. Принцезата Дијана ја смени модната историја не со еден изглед, туку со трансформација што светот ја следеше во живо.

Најиконичниот момент, според Vanity Fair, беше „фустанот на одмаздата“ – црната, асиметрична креација што ја носеше вечерта кога принцот Чарлс јавно призна неверство. Во тој фустан, Дијана не беше жртва, туку жена со контрола, став и тивка сила.

Таа покажа дека модата може да биде јазик на емоциите и политиката, без ниту еден изговорен збор. По Дијана, кралската мода никогаш повеќе не беше само протокол, таа стана платформа за личен наратив.

Три жени, една промена

Она што ги поврзува Одри Хепберн, Мадона и принцезата Дијана не е стилот, туку моментот кога модата престана да биде украс и стана порака. Светските модни медиуми ги сметаат овие три изгледи за пресвртници затоа што ја ослободија жената од очекувањата ѝ дадоа право на избор и ја претворија модата во културен документ.

Тие не следеа трендови. Тие ги создадоа. И токму затоа, децении подоцна, нивните изгледи сè уште не се минато- тие се основа на современата мода.

Небојша Толески