
Дознајте што велат стручњаците за „самостојното етикетирање“ и како да ги препознаете симптомите кои навистина го нарушуваат секојдневниот живот.
ADHD е реално нарушување со кое луѓето секојдневно се борат, а еден од клучните критериуми за негово препознавање е фактот дека симптомите мора значително да го попречуваат нормалното функционирање во животот.
Кога е премиерата на филмот „Ѓаволот носи Прада 2“? Чекај, дај ми само секунда да видам што има ново на Инстаграм. Леле, погледни го овој рецепт за паста! Еј, слушна ли дека Џамбатиста Вали ја откажал ревијата? Денес ми е краен рок за она интервју… И сето тоа – во само една минута.
Ако ова сценарио ви звучи болно познато и ако вашиот мозок се однесува како интернет-прелистувач со триесет отворени табови, од кои еден токму сега „се замрзнал“, не сте сами. Малку заборавни, зависни од кафе (бидејќи без него не функционирате) и со неверојатна способност да ги одложувате обврските до последна секунда? Имено, на социјалните мрежи зема замав опсесијата наречена „самостојно етикетирање“, па сè повеќе луѓе почнуваат да се прашуваат дали таа бучава во главата всушност е Пореметување на вниманието со или без хиперактивност (ADHD). Посебно е изразено кога станува прашање за мода, модни трендови, брзина, обврски…
Под изговор на демократизација на менталното здравје, многумина веруваат дека е доволно да се „чекираат“ неколку точки од некое вирално видео за да се дефинира сопствената состојба. Но ADHD е реално нарушување со кое луѓето секојдневно се борат, а еден од клучните критериуми за негово препознавање е тоа што симптомите мора да бидат попречувачки за нормалниот живот. Помеѓу интернет-митовите и научната реалност, ајде да видиме што навистина велат стручњаците за овој проблем.
Дали сите сме помалку ADHD?
Прашањето дали оваа дијагноза денес се доделува премногу често редовно се отвора во научните кругови, но дебатата сè уште е отворена.
Она што е сигурно е дека ADHD денес е подобро препознаен, па оттука и почесто се дијагностицира уште во детството.
Проценките велат дека ова нарушување зафаќа помеѓу 3,5% и 5,6% од општата популација, иако бројките варираат од студија до студија. Некои истражувања се поконзервативни и наведуваат значително пониски проценти, но јазот во податоците укажува дека ова сè уште е поле што активно се истражува.
Генетиката е клучна, не екраните
Ајде веднаш да срушиме еден голем мит: ADHD не настанува поради зависност од екрани. Медицинските записи од крајот на 18 век веќе го опишуваат овој феномен. Значи, овој невроразвоен дефицит постоел многу пред паметните телефони, кои секако не се негова причина. Исто така, спротивно на вкоренетите предрасуди, ADHD не е резултат на лошо воспитување или дисфункционално семејство. Науката денес е јасна по тоа прашање: станува збор пред сè за генетика.
Стручњаците се согласуваат дека ADHD е резултат на интеракција на повеќе гени. Поедноставено кажано, наследството игра главна улога, ако имате родител со оваа карактеристика, ризикот и вие да ја имате значително се зголемува. Сепак, без паника. Стручната проценка од психијатар не значи автоматска „пресуда“, туку укажува на генетски предиспозиции. Окружувањето може да влијае на тоа како ќе се манифестираат симптомите, но не е нивна причина. Заклучокот е јасен: поради генетиката, теоретски секој може да биде засегнат, без разлика на социјалниот статус.
Симптомите мора да бидат прецизни и попречувачки
Но, кои се навистина вистинските симптоми? Дали сè се сведува на популарниот TikTok „бингo“? Не. Тоа што се препознавате во некое смешно видео не значи нужно дека навистина страдате од ADHD. Многу луѓе можат да се пронајдат во такви содржини, а притоа да немаат нарушување. Медицинската верификација се темели на прецизни критериуми.
ADHD се карактеризира со 18 јасно дефинирани симптоми, поделени во две групи: невнимание и хиперактивност. Стручњаците најчесто посочуваат тешкотии со концентрацијата, чести грешки од невнимание, заборавеност, губење предмети, неможност да се следи текот на разговор или да се организираат обврските, хронична прокрастинација или неможност да се завршат и едноставни задачи.
Кога станува збор за хиперактивноста, симптомите се од физичка природа, неможност за мирно седење, постојана потреба за движење и внатрешна вознемиреност. Меѓутоа, кај возрасните (и тука доаѓаме до делот каде што многумина од нас се препознаваат), ова често се манифестира како ментална хиперактивност, односно она исцрпувачки чувство дека не можете да го „исклучите“ мозокот и дека мислите ви се движат со 300 на час.
Каде е границата?
Кој, искрено, не се препознал барем во нешто од наведеното? Реалноста е дека сите ги имаме тие моменти. Она што социјалните мрежи често го премолчуваат, за разлика од лекарите е важноста на зачестеноста и влијанието врз секојдневниот живот. За да се воспостави клиничка слика, стручњакот мора да идентификува најмалку пет од девет симптоми во една од категориите и да утврди дека тие се трајни, сериозни и дека значително го нарушуваат функционирањето.
Тоа е суштината: ADHD не е „кул“ карактерна особина ниту тренд. Тоа е невроразвоен дефицит кој може да биде извор на вистинско патење за оние кои живеат со него, обидувајќи се да внесат ред во сопствениот внатрешен немир.
Н.Т
Генетиката е клучна, не екраните
Симптомите мора да бидат прецизни и попречувачки