
Во 2018 година, сенегалско-американскиот музичар и претприемач Akon (Алиун Бадара Тиам) најави еден од најамбициозните урбанистички проекти во Западна Африка, изградба на целосно нов град во Сенегал, кој требаше да стане вистинска технолошка и економска метропола на континентот.
Проектот, наречен Akon City, веднаш привлече глобално внимание и беше претставуван како „реална Ваканда“, инспирирана од футуристичкиот африкански град од филмовите Black Panther.
Визијата зад Akon City беше град што ќе ги спои високата технологија, обновливите извори на енергија и економскиот развој во еден модерен урбан екосистем, кој требаше да стане симбол на новата, самоуверена и технолошки ориентирана Африка.
Урбанистичка визија и архитектонска замисла
Според официјалните планови објавени по лансирањето на проектот, Akon City требаше да се изгради на површина од околу 800 хектари земјиште во близина на селото Mbodiene, на приближно 100 километри јужно од главниот град Дакар. Проектната вредност беше проценета на околу 6 милијарди американски долари, а целта беше трансформација на регионот во модерен центар за технологија, туризам и бизнис.
Архитектонскиот концепт беше изработен од реномираната архитектонска фирма 10 Design, предводена од архитектот Хусеин Бакири. Објавените рендери прикажуваа футуристички згради со органски, заоблени форми, широки булевари, доминантни зелени површини и еколошки структури, кои требаше да создадат визуелен идентитет на град од иднината.
Во рамки на планот беа предвидени модерен болнички кампус и медицински центри, универзитет и истражувачки институти, станбени зони, хотели и културни центри, големи шопинг комплекси и деловни зони, како и целосна јавна инфраструктура со училишта, полициски служби и спортско-рекреативни содржини. Целиот град требаше да функционира исклучиво на обновлива енергија, со посебен акцент на соларните системи.
Еден од најконтроверзните и најиновативни елементи на проектот беше најавата дека Akon City ќе има сопствена дигитална економија, заснована на криптовалутата Akoin, која требаше да биде главна платежна и економска единица во градот.
Замислениот начин на живот
Akon City беше замислен како „паметен град“ со напредни технолошки системи и паметна инфраструктура, дизајниран да привлече стартапи, инвеститори и млади професионалци од Африка и африканската дијаспора. Градот требаше да функционира како регионален економски центар за финансиски, технолошки и креативни индустрии, со силна поддршка од врвни технологии.

Едукативната компонента беше клучен дел од визијата: универзитетите и истражувачките центри требаше да создадат нови генерации инженери, програмери и научници, додека целиот проект беше претставуван како мотор за отворање нови работни места и задржување на талентите во регионот.
Реалноста на теренот
И покрај грандиозните најави и визуелно импресивните рендери, реалноста на теренот никогаш не се доближи до првичната визија. По официјалното лансирање на проектот, единствениот објект што навистина беше подигнат беше недовршен информативен, односно посетителски центар – таканаречениот Welcome Center – на локацијата во Mbodiene.
Остатокот од земјиштето остана речиси целосно празен, без изградени патишта, станбени објекти или инфраструктура за вода, електрична енергија и транспорт. Наместо футуристички град, просторот беше исполнет со трева и локално сточарство. За разлика од најавеното, не беа изградени болници, училишта, станбени згради, фарми, системи за отпадни води или функционална соларна мрежа.
Зошто пропадна проектот
Причините за неуспехот на Akon City се повеќеслојни. Еден од клучните проблеми беше финансискиот модел, особено зависноста од криптовалутата Akoin. Наместо да стане стабилна економска основа, нејзината вредност релативно брзо опадна и не успеа да ја обезбеди довербата што беше неопходна за реализација на проект од вакви размери.
Паралелно со тоа, градежниот напредок остана минимален со години. До средината на 2024 година, сенегалската влада јавно изрази незадоволство од недостатокот на реални активности и предупреди дека, доколку не дојде до значителен напредок, земјиштето ќе биде вратено под државна контрола. Проектот исто така не успеа да привлече доволно стабилен меѓународен капитал, а повеќето од најавените рокови за изградба беа пробиени.
Дополнителен проблем претставуваа регулаторните и правните бариери, особено идејата криптовалутата да функционира како главна економска единица без јасна поддршка од централните финансиски институции и без усогласување со постојниот монетарен систем, вклучувајќи го CFA франкот.
Крај на визијата и нов правец
Во јули 2025 година, сенегалските власти официјално потврдија дека проектот Akon City повеќе не постои во својата првична форма. Владата го повлече најголемиот дел од земјиштето што му беше доделено на Akon поради недоволната реализација, а наместо мегаломанскиот урбан проект, државата се насочи кон помал и пореалистичен план, развој на туристички центар со вредност од околу 1,2 милијарди долари, кој треба да го искористи приморскиот потенцијал на регионот.
Akon задржа ограничен дел од земјиштето, околу осум хектари, за можен поедноставен проект, но визијата за голем техно-урбан центар како „реална Ваканда“ официјално е напуштена.
Akon City денес останува како силен симбол на урбана амбиција што го привлече вниманието на светската јавност, но никогаш не ја напушти концептуалната фаза. Иако идејата за модерна африканска метропола инспирирана од поп-културата и високата технологија звучеше привлечно, практичните, финансиските и институционалните пречки покажаа колку е сложено планирањето и финансирањето на вакви мегапроекти. Наместо футуристички град, зад Akon City остана еден недовршен објект и важна лекција за границата меѓу визијата и реалноста.
Н.Т
Урбанистичка визија и архитектонска замисла