„АНЏЕЛИНА ЏОЛИ ОД ИСТОКОТ“- Која е фаталната прва дама на Азербејџан?

Нејзиниот сопруг, претседателот Илхам Алиев, ја именуваше за потпретседателка во 2017 година, со што дополнително ја истакна нивната заедничка политичка соработка.

Во текот на животот, Мехрибан Алиева била инспирирана од семејството и родителите, кои биле истакнати личности од областа на науката и културата.

Мехрибан Алиева е истовремено прва дама и потпретседателка на Азербејџан. По професија е докторка, а со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, е во брак уште од далечната 1983 година. Многумина ја сметаат за најмоќната жена на Истокот, имајќи предвид дека има значајна улога во одлуките што ги носи нејзиниот сопруг.

Мехрибан Алиева е родена на 26 август 1964 година. Нејзиниот дедо бил писателот Мир Џалал Пашаев, а нејзиниот вујко Хафиз Пашаев бил првиот амбасадор на Азербејџан во Соединетите Американски Држави.

На 22 декември 1983 година, Мехрибан се омажила за Илхам Алиев, денешниот претседател на Азербејџан. Имаат две ќерки — Лејла (40) и Арзу (36), како и син Хејдар (27). Лејла е во брак со пејачот Емин Агаларов.

Во 2017 година, Илхам Алиев донел одлука својата сопруга да ја именува за потпретседателка на Азербејџан, функција што таа ја извршува и денес.

Во Азербејџан, прием кај сопругата на претседателот не е само церемонијален чин. Мехрибан има водечка политичка улога и заедно со својот сопруг носи клучни одлуки за државата, нешто што не останало незабележано од странските набљудувачи.

Таа е на чело на исклучително моќната и богата Фондација „Хејдар Алиев“, која троши огромни суми пари за промоција на културни проекти ширум светот, а истовремено претставува и значајно пропагандно средство во земјата, финансирајќи училишта, болници и социјални програми.

Сопругата на Илхам Алиев поради тоа е чест и добредојден гостин при посетите на странски делегации, а често се истакнува и нејзината физичка сличност со холивудската актерка Анџелина Џоли.

Во една пригода, по повод својот роденден, Мехрибан во писмо открила детали за своето детство и за приоритетите што ги има во врска со функцијата што ја извршува.

Таа истакнала дека е родена и израсната во семејство во кое традиционалните вредности биле темелни: големо и блиско семејство без морализирање, но со јасен поредок, каде образованието и науката биле на прво место, а авторитетот и животниот стил на постарите биле пример за младите. Љубовта била присутна, но и одговорноста за сопствениот труд.

Посебно го нагласила влијанието на мајка ѝ, Аида Имангулиева, која ја опишува како благородна, принципиелна, исклучително убава и талентирана жена, научник од светски глас и првата жена директор на Институтот за ориентални студии во Азербејџан.

За својот татко вели дека бил „идеал на хуманост и мудрост“, човек со неисцрпен оптимизам, емпатија и добрина, чии човечки вредности ѝ служат како животен компас.

Кога зборува за својот сопруг, претседателот Илхам Алиев, Мехрибан нагласува дека семејството е нејзиното најголемо упориште и сила. Таа истакнува дека неговите достигнувања, благодарение на кои Азербејџан станал моќна, почитувана и успешно развиена држава, се резултат на неговата несебична љубов и посветеност кон народот.

Како што самата вели, ретко дава интервјуа и јавноста не знае многу за неа. Гордa е на своите деца, пред сè затоа што пораснале во пристојни луѓе. Иако станала јавна личност, никогаш не тежнеела кон слава. За неа, најголемата награда е ако нејзината работа е корисна за државата и народот и ако успеала да му помогне на некого кога тоа било најпотребно.

Н.Т