Две различни патеки, еден светски успех: Ивановска и Реи

Во светот модата, каде конкуренцијата е брутална, а трајноста ретка, само неколку имиња успеваат да се задржат, да изградат авторитет и да станат препознатливи надвор од сезонските трендови. Од Македонија, две жени го направија токму тоа. Катарина Ивановска и Елена Реи се не само најпознатите интернационални македонски манекенки, туку и симбол на дисциплина, професионализам и автентична елеганција на глобалната модна сцена.

Катарина Ивановска: од Милано до светските насловни

Кариерата на Катарина Ивановска започнува во 2004 година и тоа не било каде, туку на Миланската модна недела, откако го освоила Look Models International кастингот за модели во Македонија. Само неколку месеци подоцна, таа веќе се појавува во едиторијал за списанието Elle, што претставува редок и значаен чекор за модел во толку рана фаза од кариерата.

Следуваат појавувања во Citizen K, Stiletto, како и во италијанското и руското издание на Vogue, со што Ивановска брзо се позиционира како лице со интернационален потенцијал.

Нејзината естетика, комбинација од суптилна сензуалност и силна присутност  ја носи и на насловните страници на списанијата Diva и Máxima, како и во кампањи за Dolce & Gabbana во 2006 година.

Во 2011 година, Катарина прави уште еден голем исчекор потпишувајќи договор за рекламирање на Victoria’s Secret, што ја вметнува во елитниот круг на модели кои работеле за овој глобален бренд.

Паралелно, таа соработува со некои од најреномираните светски модни агенции: Women Management во Париз, Њујорк и Милано, како и Select Model Management во Лондон.

Во Македонија, Ивановска одамна се смета за една од најуспешните манекенки во историјата, а во 2012 година го проширува својот јавен израз и со актерскиот деби во филмот „Трето полувреме“.

Денес, покрај успешната кариера која сеуште трае, таа ја живее и својата приватна улога како мајка на Вања и Кира, уште една димензија што ѝ дава длабочина и зрелост.

Елена Реи: тивка сила на високата мода

Додека Катарина Ивановска е лице препознатливо и за пошироката јавност, Елена Реи е симбол на тивка, но исклучително респектирана кариера во светот на високата мода.

Нејзиниот најзначаен пробив доаѓа кога станува ексклузивен модел за Calvin Klein на Њујоршката модна недела, позиција што во модната индустрија значи доверба, статус и јасна порака дека станува збор за лице со исклучителен потенцијал. Не случајно, Vogue ја издвојува како модел со блескава иднина.

Реи работеше и на Париската недела на висока мода, како и на ревии во Милано и Париз, вклучувајќи соработка со дизајнери како Оскар Карвало.

Нејзиниот моден израз е присутен и во престижни едиторијали, меѓу кои и за италијанското издание на Harper’s Bazaar.

Во индустрија што често бара гласност и екстраваганција, Елена се издвојува со поинаков пристап, скромна, ненаметлива, но беспрекорно професионална.

Нејзиниот стил е минималистички, нејзиното присуство силно, а нејзината кариера доказ дека успехот не мора да биде пренападен за да биде значаен.

Заеднички белег- македонски потпис на светската мода

Иако нивните патишта се различни по динамика и медиумска експонираност, Катарина Ивановска и Елена Реи имаат заедничка суштина, тие се меѓу малкуте македонски манекенки што оставиле вистински, мерлив и траен белег на светската модна сцена.

Тие не се само модели, тие се амбасадорки на еден простор што ретко добива место во глобалниот моден наратив. Со својата работа, тие докажуваат дека талентот, дисциплината и професионализмот немаат географски граници. Од Милано до Њујорк, од Париз до насловниците на најпрестижните списанија, нивните кариери се сведоштво дека Македонија има лица кои знаат да чекорат рамо до рамо со светот.

Н.Т