По 29 пат, вчеравечер се одржа „Златна Бубамара на популарноста“. Настан кој ја собира македонската кретивна сила и место каде се делат награди за постигнатото. Всушност, манифестација секогаш исполнета со хумор, но и длабок општествен контекст на сегашни или минати настани кои ја обликуваат државата.
Секој од презентерите или наградените се обидел да изгледа најдобро што може со стилот, меѓутоа водителката Вера Мештеровиќ го одвлече целото внимание со тоалета која е висока мода и која зборува за уметност на изработка во најчиста форма. А, кога се работи токму за ова, многу јасно е дека зад креацијата стои најдобриот македонски моден бренд „ELENA LUKA“ кој е распознатлив и интернационално, како и во Дубаи и на Блискиот исток.
Фустанот е вистинска ода на лаванда-луксузот и високата мода, парче што јасно зборува за рачно мајсторство, трпеливост и беспрекорна изведба.
Изработен во деликатна нијанса на лаванда, фустанот ја фаќа светлината со суптилен, но богат сјај, благодарение на густо извезените монистра, кристали и микросеквенци кои целосно ја покриваат површината. Секој сантиметар изгледа рачно аплициран, што упатува на десетици, ако не и стотици часови работа, типични за парчиња од доменот на високата мода, но типични и за „ELENA LUKA“.
Горниот дел е скулптурално обликуван, со корсетска конструкција што ја следи линијата на телото и ја нагласува силуетата со прецизна „архитектура“. Деколтето е меко заоблено, додека рамената се разголени, што ѝ дава на креацијата сензуалност без вулгарност. Околу вратот, рачно изработени апликации во форма на цветни ливчиња создаваат впечаток на луксузен гердан – драматичен и уметнички акцент на кој се „држи“ богатата, но нежна наметка.
Долниот дел е долга, тесна здолнишна форма со висок шлиц, кој додава движење и суптилност, откривајќи ја ногата со елеганција. Преку основната структура паѓа проѕирен слој од тул (наметката) во иста лаванда нијанса, што создава ефект на леснотија и воздушност, контрастирајќи со богатата, тешка рачна везба под него.
Задниот дел е надополнет со долг, проѕирен шлеп, кој нежно се спушта и се движи при секој чекор, давајќи му на фустанот драматичен, елитен карактер- речиси како модерен балски плашт.
Ова не е само вечерен фустан, туку врвна интерпретација за висока мода од ELENA LUKA, тоалета што комбинира луксуз, женственост и уметничка дисциплина, создадена за голема сцена, рефлектори и моменти што треба да се паметат.
Н.Т