
Модата одамна го надмина само практичниот аспект на облеката, таа стана медиум на изразување, идентитет и социјална комуникација. Во современиот свет, каде визуелната култура доминира во медиумите и на социјалните платформи, начинот на кој се претставуваме преку стилот е далеку поважен од тоа само да изгледаме добро. Тоа е меч со две острици, може да не ослободи и визуелно да комуницира со нашите најдлабоки вредности, но исто така може да создаде притисоци, стереотипи и психолошки напнатости кои не секогаш се очигледни.
Модата како јазик на идентитет и перцепција
Облеката ја обликува не само нашата визуелна слика пред другите, туку и нашето внатрешно чувство за себе. Психолошки концепт наречен enclothed cognition покажува дека облеката што ја носиме може конкретно да влијае на нашите мисли, чувства и однесување односно, не е само како изгледаме, туку облеката може да активира одредени ментални процеси и перцепции за себе, како чувство на моќ, доверба или професионализам.
Истражувањата укажуваат дека облеката може да влијае на нашето само-вреднување и на чувството на сигурност во социјални ситуации на пример, професионален костум може да ја зголеми перцепцијата на компетентноста, додека опуштен стил може да ја подобри креативноста и удобноста во одредени контексти.
Комуникација и социјални сигнали
Модата е социјален сигнал, таа кажува не само кои сме, туку и кому припаѓаме, какви вредности негувавме и каква порака сакаме да испратиме во јавноста. Од сознанијата во социјалните науки, облеката е поврзана со перцепциите што ги формираат другите за нас, од првиот впечаток до долгорочни интерпретации на статус, личност или културни вредности.
Современиот моден дискурс „мода како јазик на промени“ ја истакнува улогата на модата како средство за културна комуникација не само за стил, туку за вредности, општествени ставови и промени во социјалното живеење.
Предности од стратешко визуелно самоизразување
Јасна лична порака! Креирајќи сопствен стил, го артикулираме нашиот вкус, став и став кон светот што имаме намера да кажеме на другите уште пред да проговориме. Психолошка самодоверба! Облеката што нè прави да се чувствуваме уверено може да има директно влијание врз нашата способност да се справиме со социјални или професионални предизвици. Позиционирање во општеството! Начинот на облекување може, на социјален и професионален план, да влијае на тоа како ќе нè доживуваат другите како еден од клучните невербални фактори во комуникацијата.
Модата како ризик- второто сечило
Сепак, ако модата може да гради, исто така може и да штети, како меч со две острици. Притисокот да „изгледаме добро“ или да следиме трендови може да доведе до анксиозност, незадоволство од себеси и надворешна зависност на само-вреднување, што е особено актуелно во дигиталното доба каде постојано сме во споредба со другите.
Во психолошките истражувања за облеката и самоперцепцијата, се укажува дека облеката истовремено може да биде стимул за одредени перцепции, позитивни и негативни зависно од тоа како ја интерпретираме и што сакаме да „порача“ нашето визуелно претставување.
Токму затоа стручните психолози велат дека модата треба да се третира со свест и критичка рефлексија, не како пасивен кодекс на облека, туку како средство што носи психолошка тежина и социјални очекувања.
Мода која се гледа и се чувствува
Модата не е само транзитен стил или обичен избор на облека. Таа е инструмент за комуникација, психологија и културна репрезентација, на некој начин меч со две острици кој може да ослободи самоувереност и автентичност, но истовремено може да создаде зависност од надворешни очекувања.
Битно е да ја разбереме модата не само како визуелен код за другите, туку и како огледало на нашата внатрешна слика, што е суштинско за здравиот однос со самите себеси во 21-от век.
Небојша Толески
Модата како јазик на идентитет и перцепција
Комуникација и социјални сигнали
Предности од стратешко визуелно самоизразување
Модата како ризик- второто сечило
Мода која се гледа и се чувствува