Има само 10 години, а веќе ја освои Париската модна недела: Чудото од дете, дизајнерот на иднината

Во време кога модните писти најчесто им припаѓаат на искусни креатори со децениско искуство, светската модна сцена оваа година доби неочекувано име, 10 годишниот американски дизајнер макс Александар. Момчето од Калифорнија успеа да влезе во историјата како најмладиот моден креатор кој некогаш претставил колекција на Paris Fashion Week, предизвикувајќи огромен интерес кај модната индустрија, медиумите и публиката ширум светот.

Приказната за Макс започнува уште во најраните години. Според неговите родители, тој имал само четири години кога самоуверено изјавил дека е „кројач“ и дека сака да создава фустани. Неговата прва муза била неговата сестра, за која почнал да изработува мали креации. Наместо класично да скицира, Макс рано развил сопствен метод на работа, директно драпирање на материјалот на кројачка кукла. Тој самиот вели дека драпирањето за него е како скулптура, процес во кој ткаенината се обликува директно со раце, без претходен цртеж.

Неговиот талент брзо го привлече вниманието на јавноста. Веќе на седум години постави сопствена ревија и со тоа влезе во Гинисовата книга на рекорди како најмлад моден дизајнер што организирал модна писта. Подоцна дебитираше и на New York Fashion Week кога имаше само осум години, што дополнително ја зацврсти неговата репутација како вистински моден феномен.

Денес Макс стои зад сопствениот бренд Couture To The Max, препознатлив по креативни, разиграни и често необични дизајни. Неговите модели најчесто се инспирирани од природата, цвеќињата и фантазијата, но во исто време содржат и силна порака за одржлива мода. Наместо нови материјали, тој често користи рециклирани и повторно употребени ткаенини, стара венчаница, винтиџ сари, воени падобрани или остатоци од луксузни текстили кои би завршиле како отпад.

Токму ваквиот пристап кон модата му донесе и огромна популарност на социјалните мрежи, каде го следат милиони луѓе. Неговите креации веќе ги носеле и познати личности, меѓу кои актерките Шерон Стоун и Дебра Месинг, што е исклучително редок успех за дизајнер на толку млада возраст.

Круна на неговиот досегашен успех е настапот на Paris Fashion Week во 2026 година. Ревијата се одржа во престижниот париски оперски дом Palais Garnier, каде обично настапуваат врвни светски модни куќи. Организаторите направиле исклучок за Макс токму поради неговата уникатна приказна, талентот и огромниот интерес што го предизвикува кај модната публика.

На пистата во Париз тој претстави колекција од околу петнаесет модели, кои комбинираат детска имагинација со изненадувачка зрелост во дизајнот. Колекцијата е изградена врз концептот на одржливост и повторна употреба на материјали. Еден од фустаните, на пример, е создаден од стара венчаница од 1980-тите, друг е направен од винтиџ сари, додека раскошна вечерна креација е изработена од француски воен падобран. Во колекцијата се појавуваат и модели изработени од рециклирани луксузни чанти и вишок италијанска свила.

Иако има само десет години, неговата ревија беше прифатена со сериозен интерес од модните критичари, кои ја опишуваат како комбинација од игра, фантазија и изненадувачка техничка зрелост. За многумина, Макс претставува нов феномен во модата, доказ дека креативноста и талентот не се ограничени со возраст.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Luxurious (@luxuriousbymm)

Приказната на Макс Александар покажува дека новата генерација дизајнери размислува поинаку за модата. За него модата не е само естетика, туку и одговорност кон планетата, експеримент со материјалите и простор за бескрајна имагинација.

Ако продолжи со истото темпо, многумина веруваат дека ова чудо од дете може да стане едно од најинтересните имиња на идната модна сцена.

Н.Т