Од кујна до модна писта: кесата за ѓубре што стана симбол на луксуз

Во светот на високата мода границата меѓу иронијата, концептот и вистинскиот луксуз често е тенка. Токму таква дебата повторно се отвори откако кинеската актерка Zhang Jingyi се појави на јавен настан со необичен моден додаток- жолта пластична кеса која многумина на интернет веднаш ја поврзаа со луксузниот бренд Баленсијага.

Фотографиите од нејзиното појавување брзо се проширија на социјалните мрежи, а многу корисници беа убедени дека станува збор за нова, ексцентрична чанта од модната куќа, со цена која наводно достигнува околу 1.790 долари. Коментарите и шегите се нижеа со неверојатна брзина: „Таква чанта имам и јас дома под мијалник“, пишуваа корисници, алудирајќи дека модата понекогаш може да изгледа апсурдно.

Вистината зад „чантата за ѓубре“

Сепак, подоцнежните информации покажаа дека кесата што ја носела актерката не е вистински производ од каталогот на модната куќа. Според медиумските извори, таа била дел од креативна промотивна идеја поврзана со ликот што актерката го игра во проект во кој нејзиниот лик постојано носи таква кеса. Токму таа игра со симболиката и иронијата ја направи сцената уште повирална.

Но, конфузијата не е случајна. Луксузната куќа Баленсијага навистина има дизајнирано чанта која изгледа речиси идентично на кеса за ѓубре. Моделот Trash Pouch” беше претставен во колекцијата есен/зима 2022 и се продаваше по цена од околу 1.790 долари, изработен од телешка кожа, но со форма која намерно имитира обична пластична кеса.

Тогашниот креативниот директор на брендот Демна тогаш изјави дека сакал да ја создаде „најскапата кеса за ѓубре во светот“, токму затоа што модата често се храни од провокација и дебата.

Кога модата провоцира

Овој случај уште еднаш ја отвори старата дискусија за тоа каде завршува дизајнот, а каде почнува иронијата. Модната индустрија одамна ги претвора секојдневните предмети во луксузни симболи. Баленсијага на пример, веќе предизвика контроверзии со чанта инспирирана од сината IKEA торба, која се продаваше за илјадници долари, и со бројни други концептуални модни експерименти.

За модните теоретичари, ваквите дизајни се дел од пошироката култура на ироничен луксуз, тренд во кој обични, па дури и банални предмети се трансформираат во симболи на престиж. За критичарите, пак, ваквите идеи се доказ дека високата мода понекогаш ја губи врската со реалноста.

Интернетот како нов моден критичар

Виралниот момент со Zhang Jingyi уште еднаш покажа колку брзо модата може да стане глобална тема на дискусија. Социјалните мрежи за неколку часа го претворија модниот додаток во меме, симбол на апсурдноста на современиот луксуз.

Но, токму во тоа лежи и парадоксот на модерната мода, дури и кога е исмејувана, таа успева да го привлече вниманието на светот.

И можеби токму затоа, во модата понекогаш важи едно старо правило! Она што личи на обично ѓубре, во вистински контекст може да стане најскапиот моден предмет на сезоната.

Н.Т