По официјалната церемонија на Оскарите традиционално следува after-party забавата на Vanity Fair, каде ѕвездите често избираат поекспериментални и похрабри комбинации. Оваа година доминираа драматични силуети, блескави материјали и модерни кроеви што внесоа свежина во холивудскиот гламур.
Еден од најзабележливите трендови беа металик нијансите – златни, сребрени и бронзени фустани кои под светлата на камерите создаваа впечатлив ефект. Покрај нив, класичните, црни, вечерни фустани повторно се покажаа како сигурен избор. Овие модели беа далеку од едноставни – многу од нив имаа впечатливи детали како пердуви, транспарентни делови, длабоки деколтеа или драматични шлицеви.
На after-party сцената силно се истакна и трендот на смели кроеви со отвори и исечоци, кои ја нагласуваат силуетата и додаваат современ моден карактер. Овој стил беше присутен и кај фустаните, но и кај модните комбинации од два дела корсети/топови со здолништа.
Меѓу впечатливите детали се најдоа и пердуви, реси и текстури, кои внесоа динамика и движење во изгледот на фустаните. Некои модели беа украсени со богати апликации, додека други се потпираа на минималистички линии инспирирани од елегантната мода од 90те.
Не изостанаа ниту проѕирните фустани, кои остануваат еден од најсмелите трендови на црвениот тепих. Тие беа изработени од лесни ткаенини како тул, органза и чипка, често комбинирани со светкави детали или минималистички крој.
















